
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Божиќ упати честитка до граѓаните кои го прославуваат Христовото раѓање, како и до поглаварите на верските заедници.
Честитката е упатена до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, како и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев.
Во пораката, Сиљановска-Давкова наведува дека со особена чест и голема почит го честита празникот Рождество Христово – Божиќ, денот на раѓањето на Богомладенецот и Спасителот на светот, во кого, како што посочува, се сплотиле и се лицетвориле во совршено единство божествената и човековата природа.
Претседателката од срце посакува мирот божји да го завладее секој православен дом, исполнувајќи го со божјите добродетели, истакнувајќи дека Рождеството Христово, и по повеќе од два милениума, продолжува да вдахновува со неизмерна љубов, бесконечна добрина, хармонија и мир.
Во честитката се нагласува дека божиќните празници нè потсетуваат на важноста од безусловна помош, поддршка и утеха за сите на кои тие им се потребни, како и на човековата насушна потреба од чинењето добри дела.
„Да му се радуваме на животот и да придонесуваме за доброто на заедницата. Да ги отвориме ширум нашите срца за сите ближни, та, така сплотени во соборноста, да ја креираме и градиме благосостојбата на македонското општество“, се наведува во честитката.
Претседателката ја завршува пораката со традиционалниот божиќен поздрав: „Христос се роди!“

Македонски






