
– Чешмите ова лето не останаа суви во домовите на домаќинствата во високите зони на градот Штип. По дваесет години пред станбените згради или ударните сообраќајници во населбите Пребег, Железничка, Балканска, Три Чешми, Баби, Сењак ги нема цистерните за вода за пиење на штипското комуналното претпријатие „Исар“, од кои граѓаните се снабдуваа со техничка вода, бидејќи дефектите на стариот водоводен систем ги оставаа по два, а ланскиот рекорд беше пет дена без вода за пиење.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов во изјава за МИА вели дека годинава проблем нема, бидејќи речиси четири години континуирано се инвестира во главната, но и во секундарната водоводна линија. Сепак, според Јорданов, не се завршени сите активности и сите зафати на водоводната мрежа.
– На она што во моментов се работи и се работеше во изминатиот период значително ја подобри состојбата со водоснабдувањето. Со замената на застарената водоводна мрежа се придонесе да имаме помалку дефекти, поголем притисок на водата на оние места, на оние населби, каде што во летните месеци, кога е зголемена потрошувачката секоја година жителите од високите зони на град Штип имаа проблем со редовното и нормално водоснабдување, вели Јорданов.
Општината и штипското комунално претпријатие „Исар“ за речиси четири години реализираа неколку проекти во насока на подобрување на состојбата со водоснабдувањето. Според Јорданов, најголемите проекти се изградбата на Водоводна линија два во должина од 3,3 километри како и обнова на главната линија.
– Морам да напоменам дека реализацијата на проектот Водоводна линија два е нешто што децениски наназад се комуницирало, како потреба за растеретување на постоечката главна водоводна линија, ниска зона. Со изградбата на линија два веќе имаме алтернативна водоводна линија, за кога се случуваат поголеми дефекти на главната мрежа, високите зони да имаат вода за пиење, рече Јорданов.

Во моментов за високите зони, но и градот да се шири и развива кон бањата Кежовица, се одвива и изградбата на два резервоара во населбите Пребег и Мерите. Овие резервоари се градат со средствата од самоприденосот во износ од еден милион евра. Нивната изградба е во завршна фаза и некаде кон крајот на септември треба да бидат ставени во функција. Штипскиот градоначалник вели дека со ова капацитетноста на резервоарите ќе се дуплира.
– Ако досега капацитетноста на главниот резервоар на филтер станицата е нешто повеќе од 2.000 метри кубни овие два резервоара се нешто повеќе од 2.000 метри кубни, што значи дека перспективно Општина Штип го решава на еден среден и долг рок проблемот со водоснабдувањето и со високиот притисок во застарената водоводна мрежа, што беше причина за честите дефекти во летните месеци кога имаме зголемена потрошувачка, побарувачка на вода и нормално зголемен притисок во застарените водоводни мрежи, вели Јорданов.

Освен овие капитални инвестиции за водоснабдителниот систем се работеше и на промена на застарената водоводна мрежа. Повеќе од 10 километри е променета секундарната водоводна линија, со што значително е подобрена состојбата со губитоците на вода и како што вели Јорданов освен проблемот со честите дефекти на застарената водоводна мрежа, имаше и губитоци на филтрирана чиста вода за пиење. Локалната власт оваа инвестиција ја чинеше повеќе од два милиона евра.
– Тоа се средства коишто директно преку буџетот на Општина Штип се издвоија за да се промени секундарната водоводна линија. Но, направивме и промена на главната водоводна линија во должина од пет километри. Тоа е главна водоводна линија, ниска зона, која беше опфатена со изградбата на булеварот „Партизанска“ што исто така е нешто што ја подобри состојбата со водоснабдувањето. Овде се инвестираа помалку од половина милион евра средства за да се замени оваа главна водоводна линија, подвлече Јорданов.

Според пресметките на општината, за речиси четири години во капитални инвестиции во водоснабдителниот систем на Штип се инвестирани околу шест милиони евра.
– Со реализацијата на сите овие проекти верувам дека Штип конечно го решава проблемот со водоснабдувањето, бидејќи во одредени делови на градот жителите во летните месеци остануваа со слаб притисок или воопшто немаа вода. Нешто перспективно што исто така треба да го решиме е водоснабдувањето на одредени селски средини, рурални средини, што се оддалечени од градот и не се поврзани на водоводниот систем на јавното претпријатие „Исар“, а се снабдуваат преку бунарски системи. Тоа е еден предизвик кон кој треба да се насочиме и да работиме, изјави Јорданов.
Штип ќе добие современ Скада систем

Штип во летните месеци нема рестрикции на водата за пиење, како што до пред неколку години имаше. Откако штипската Филтер станица се приспособи и почна да прима вода од Хидросистемот „Злетовица“ има доволни количини вода, но и можност да се задоволат потребите и за новите населби, кои ќе се градат. Поради застарената водоводна мрежа и кражбите на водата за пиење, сепак, останува да се бележи губиток на водата за пиење од 62 до 65 отсто .
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски вели дека за да се реши овој проблем ќе се реализира и проектот Скада систем, кој ќе се гради со средствата од вториот јавен повик за искористување пари од унгарскиот заем.
– За да се намали потрошувачката на вода, да се превенираат загубите, новонастанатите загуби на вода, како и да се спречат дивите приклучоци, односно кражбите на вода и порано да се детектираат дефектите што настануваат, а кои не се видливи со голо око, односно не се површински и да се заокружи целокупен процес, Јавното претпријатие „Исар“ во изминатиот период работеше и изготви техничко решение, односно основен проект за Скада системот, вели Арсовски.

На резервоарите и на неколку локации на водоводната мрежа во градот Штип ќе се постават мерни инструменти, кои ќе ја мерат загубата на водата за пиење, а во просториите на ЈП „Исар“ ќе има и современ компјутерски, мониторинг систем, преку кој ќе се следи каде се троши или се губи водата за пиење.
За Скада системот се планира да се потрошат околу 30 милиони денари, а дополнително секоја година, според Програмата за работа на ЈП „Исар“, се врши замена на старата азбестна мрежа во должина од шест до десет километри.
Штипскиот градоначалник, Јорданов вели дека како локална власт мора да се има визија, но и средства за решавање на проблемите на граѓаните. Еден од нив во изминатите четири години беше водоснабдувањето на градот Штип, кој има карактеристична и тешка конфигурација на водоводната и канализациска мрежа.
Фото МИА