Skip to main content

Се повеќе луѓе ја минуваат границата кај Дебар: Само вчера ја минале над 7,4 илјади патници

Продолжува постојаниот раст на  проток на патници на граничниот премин „Блато“ на македонско – албанската граница, кај Дебар.

Според албанските гранични власти само во текот на вчерашниот ден регистрирани се 7.468 патници, што е најголема бројка евидентирана во едно деноноќие.

Поради екот на туристичката сезона протокот на патници се зголемува секојдневно. По вчерашниот рекорден проток, денеска очекуваме уште поголем број на патници и возила, велат од граничната полиција.

Оттаму додаваат дека и полициските и царинските работници ангажирани се со целосна подготвеност, за да гарантираат брза, гостопримлива и високоинтегритетна услуга за секој граѓанин и посетител што влегува на или излегува од албанска територија.

Преку овој премин, кој е на четири километри од градот Дебар, минатиот викенд, 2 и 3 август, според македонското МВР,  минале вкупно 13 603 патници, од нив 4 562 македонски и 9 041 странски државјани. 

Во првата половина од годинава забележана е историски рекордна фреквенција од отворањето на преминот во 1992 година. Така, за шест месеци минале  574.737 што е за 55 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година, кога се регистрирани 370.827 патници.

Поврзани вести