Skip to main content

Работилница на Младиот франкофонски парламент „Имам став!“

Во Собранието се одржа Работилница на Младиот франкофонски парламент „Имам став!“, на која средношколци дебатираа на три актуелни теми кои се однесуваа на врсничкото насилство, феноменот со лажните вести, како и за младинската невработеност, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, што МИА го пренесува интегрално.

Учениците од средните училишта од Скопје, Неготино, Битола, Тетово и Куманово преку симулација на процесот на разгледување на законски решенија во Собранието, дебатираа на конкретните теми на француски јазик и на тој начин да придонесуваат за поголема промоција на францускиот јазик и култура и за неговата поголема застапеност во општествено-политичкиот живот во земјата.

Работилницата ја модерираше претседателката на Секцијата на Собранието на Парламентарното собрание на Франкофонија, пратеничката Иванка Василевска, а поздравни обраќања имаа: Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Македонија; Кристоф ле Риголер, Амбасадор на Француската Република во нашата земја, како и Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во нашата земја.

Претседателот Гаши во своето обраќање истакна дека оваа активност на Младиот франкофонски парламент е од исклучително значење, бидејќи преку почитувањето и негувањето на францускиот јазик, се создава можност за градење мостови на пријателства. Од друга страна на овој начин се создава младина со критична мисла и со став за клучни прашања и теми од кои зависи нашиот натамошен развој и напредок. Тој истакна дека Собранието како асоцијативна членка на Парламентарното собрание на Франкофонијата, ги негува вредностите на Франкофонијата.

Претседателката на Секцијата, пратеничката Иванка Василевска, нагласи дека како човек кој доаѓа од високото образование и кој секојдневно работи со студенти, со млади луѓе, особено е задоволна што во Собранието се присутни средношколци од повеќе градови, со желба не само да го презентираат своето познавање на францускиот јазик, туку и да дебатираат на многу важни теми.

Во однос на Секцијата, таа информираше дека покрај редовното учество на голем број меѓународни настани, Секцијата заедно со францускиот амбасадор остварува посети на билингвалните паралелки во средните училишта во државата со цел да разменат мислења со учениците и наставниците околу работата на овие паралелки.

Амбасадорот на Француската Република во земјава, Кристоф ле Риголер изрази благодарност до Собранието што ја создаде оваа традиција, но и благодарност до учениците и нивните професори за ангажманот и посветеноста и

нагласи дека придонесот кон едно здраво демократско општество се одразува преку индивидуалниот капацитет да се прифати различно мислење.

Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер, во своето обраќање додаде дека францускиот јазик е интегрален дел од идентитетот на Швајцарија, тоа е официјален јазик на Конфедерацијата заедно со италијанскиот и германскиот јазик. Тој додаде идентитетот на Швајцарија се гради преку оваа разноликост, која претставува основа за стабилност, национална кохезија и мир.

На работилницата присуствуваа и дел од пратениците во Собранието, генералниот секретар на Собранието Марина Димовска, амбасадорката на Република Грција во земјава Софија Филипиду, Вероника Циолка, заменик-амбасадорка на Романија, како и претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

По завршување на работилницата, учениците добија и соодветни сертификати од Собранието како признание за нивниот труд и активност.