
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик министерот Ѓоко Велковски и дел од Кабинетот одржаа работен состанок со директорите на Центрите за социјална работа и на јавните установи за социјалната заштита.
Од страна на министерот Лимани беше посочено дека ваквиот тип на состаноци ќе станат редовна пракса, но ќе се организираат и редовни посети на центрите за социјална работа и установите со цел заеднички да се разгледаат тековните предизвици со кои се соочуваат институциите од социјална заштита, да се разменат искуства, и што е најважно, нагласи министерот Лимани, да се договорат конкретни чекори за подобрување на системот.
Дискусијата се одвиваше за неколку клучни прашања, како настанот во Прилеп и изложеноста на социјалните работници на предизвици вршејќи ги своите работни задачи, при што министерот информираше дека постапката за физичко обезбедување е во крајна фаза.
На состанокот стана збор и за подобрување на условите за работа, плановите за реновирање на центрите, потребата од нови вработувања, раст на платите во социјалната заштита и имплементација на SWIS системот.
„Социјалните работници се двигатели на промените во општеството и нивната улога е неприкосновена. Министерството стои на располагање за целосна поддршка и соработка со цел заедно креираме политики и мерки кои ќе обезбедат поквалитетни социјални услуги за граѓаните, но и задоволни и мотивирани вработени, порача Лимани.