Skip to main content

Пренџов: Филипче шири паника како Кире Наумов  кога пишуваше писма кои го чинеа народот 30 милиони евра

Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Колегиум“ на Алфа телевизија, се осврна на темата за одредени изјави на претседателот на една од опозициските партии во земјава, за што кажа дека се шири паника и хистерија кај граѓаните во врска со финансиската состојба во државата, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ кое МИА го пренесува интегрално.

Пренџов направи паралела со случувањата од 2015 и 2016 година, кога, според него, поранешниот функционер на СДС, Кире Наумов, со своите постапки придонел за поскапување на кредитното задолжување на државата.

„Ја шири затоа што изминативе години, наместо да биде во затвор, Кире Наумов, беше слободен човек и функционер, затоа ја шири Венко паниката. 2015-2016 година кога имаше техничка влада, кога требаше да се подигне определен кредит, тогаш СДС преку Кире Наумов пишуваше писма до секоја една банка, финансиска институција, меѓународен фонд, во коишто му велеше дека владата ќе крахира, како сега што велат, дека пензии ќе нема, како што сега велат, и дека тие луѓе коишто на Македонија ќе и дадат кредит во тој период, можеби тие пари нема да им бидат вратени“, истакна Пренџов.

Тој кажа и дека тогашната власт во земјата, сепак, земала кредит, но со многу повисока камата, а поради одредени писма кои ги пишувал, како што вели, Наумов, разликата била 30 милиони евра.

„Писмата на Кире Наумов пишувани до меѓународните институции, овој народ го чинат 30 милиони евра. Дојдоа на власт на начин на којшто дојдоа. Тогаш обвинител беше Јовески, наместо да го викне и да видиме зошто тие 30 милиони евра сме ги платиле како народ, а притоа тој кредит е вратен целосно финансиран од државата, тој стана директор на некоја банка во Македонија“, рече Пренџов и додаде:

„Кога немате соодветно обвинителство и кога некој во минатото не е казнет за слично вакво дело, тоа слично дело ќе ни се повторува, бидејќи финансиската стабилност на државата, монетарната политиката, курсот на денарот и банкарскиот систем се дел од националната безбедност на Македонија. И затоа тие обвинители треба да се занимаваат малку посериозно со тоа што се случува во Македонија. Да се занимаваа сериозно со Кире Наумов, сега немаше да ја имаме оваа паника, којашто ни ја прави Венко Филипче“.

Поврзани вести