
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет реагираше на излагањето на пратеникот Мециновиќ, посочувајќи дека во собраниските дебати мора да се изнесуваат точни податоци за платите, пензиите, инфлацијата и економските политики.
Пренџов нагласи дека растот на минималната плата е уреден со закон, донесен по социјален дијалог меѓу претходната влада и синдикатите, и дека не е точно да се тврди оти просечната плата бележи пад.
„Во ова Собрание, кога дискутираме и ги изнесуваме нашите ставови, кои се легитимни, многу е важно информациите што ги пласираме до граѓаните да бидат точни“, рече Пренџов, објаснувајќи дека растот на минималната плата е поврзан со животните трошоци и законски утврдената формула.
Осврнувајќи се на движењето на просечната плата во изминатите две години, тој посочи дека таа пораснала од околу 40.000 на речиси 49.000 денари, односно за повеќе од 20 проценти.
„Кога ова управувачко мнозинство дојде на власт, просечната плата изнесуваше 40.000 денари. По две години таа е речиси 49.000 денари. Тоа е зголемување од околу 9.000 денари. Ако имате повеќе од 380.000 пензионери кои добиваат по 9.000 денари повеќе, а инфлацијата изнесува 2,7 проценти, тогаш гледаме дека работите се движат на подобро“, истакна Пренџов.
Во однос на вториот ребаланс на Буџетот, пратеникот објасни дека станува збор за усогласување на буџетските проекции со актуелните економски услови и спроведуваните политики, а не за откажување од преземените обврски.
Тој ги критикуваше тврдењата на опозицијата, оценувајќи дека дел од нив се обид за политичко собирање поени преку, како што рече, извртување на фактите и пласирање полувистини.
„Денес, на 50 работни дена до крајот на годината, правиме само нивелација на политиките што ги спроведувавме во изминатиот период. Тоа значи да имаме гориво од 97 денари, а не од 114 денари. Сè друго е популизам, гола политика, купување поени, манипулација со јавноста, извртување на вистината и хушкање на одредени категории граѓани со сервирање полувистини и целосни невистини“, порача Пренџов.

Македонски

