
Советот на јавни обвинители денеска во 11:00 часот ќе одржи седница на која своите кандидатури ќе ги претстават петте пријавени кандидати за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје (ОЈО ГОКК).
Во трка за функцијата, според официјалната кандидатска листа, се вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во СЈО Трајче Пеливанов, обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК – Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.

Во Комисијата за спроведување на изборот, што ја формираше Советот на јавни обвинители, членуваат Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова. Изборот ќе се спроведе на 28 октомври во периодот од 8 до 16 часот со тајно и непосредно гласање на јавните обвинители.
Постапката се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.
Огласот за избор на Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК беше објавен во Службен весник на 21 август, годинава.

Македонски


