
Жените сочинуваат 57,5 отсто од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, но нивната поголема застапеност меѓу вработените не се преточува и во еднаков пристап до позициите на кои се носат одлуките. На раководните функции во органите на централната власт и натаму најчесто се именуваат мажи.
Ова го констатира Државниот завод за ревизија во ревизијата на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“.
Ревизорите утврдиле дека во периодот од 2020 до 2024 година не биле воспоставени доволно ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерските и раководните позиции.
Анализата покажува дека најголем напредок е постигнат таму каде што постои законски задолжителна квота – во Собранието. Во периодот од 2007 до 2024 година учеството на пратеничките се движело меѓу 30 и 43 отсто, додека во 2024 година жените сочинувале 39,2 отсто од парламентарниот состав.
Со оваа застапеност Македонија е подобро рангирана од 83 отсто од земјите членки на Европската Унија, а меѓу земјите од регионот што не се членки на ЕУ се наоѓа на првото место.
Сепак, бројките не ја прикажуваат целосната слика. Од конституирањето на првото Собрание во 1991 година до 2024 година, ниту една жена не била избрана за претседател на законодавниот дом.
Во актуелниот парламентарен состав има една потпретседателка. Со Деловникот од 2023 година била воведена позитивна мерка според која најмалку еден од потпретседателите на Собранието треба да биде од помалку застапениот пол.
Состојбата е значително понеповолна во извршната власт, каде што не постои правно обврзувачка квота. Законот за Владата и владиниот Деловник не предвидуваат родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите, па составот на Владата во целост зависи од предлогот на мандатарот.
Од 2014 до 2024 година учеството на жените во Владата се движело од 14 до 31 отсто кај министерските функции, од седум до 25 отсто кај заменик-министрите и од шест до 31 отсто кај државните секретари.
Во составот на Владата за периодот 2024–2028 година, од 20 министри што раководат со ресори само три се жени, односно 15 отсто. Меѓу петте заменици на претседателот на Владата нема ниту една жена.
Ревизијата покажала и дека не постојат унифицирани механизми за избор и именување лица на високите раководни функции во органите на централната власт. Именувањата се вршат врз основа на различни закони, а дел од постапките се спроведуваат на затворени седници, што ја намалува транспарентноста на процесот.
Предлог-закон со кој требало да се уредат високата раководна служба, постапките за избор, одговорноста и оценувањето на работата на високите раководители бил подготвен уште во 2019 година.
Во мај 2026 година до Собранието бил доставен нов Предлог-закон за високи раководители. Со него се предвидуваат еднаков пристап до функциите, избор според заслуги и професионално, транспарентно и непристрасно именување. Предлогот предвидува и водење сметка за родовата еднаквост, врз основа на стручноста и компетентноста на кандидатите.
ДЗР констатирал дека во институциите во кои раководните лица ги именуваат Собранието, Владата и дел од ресорните министерства не е обезбедена доследна примена на принципот на родова еднаквост. Позитивни механизми се забележани само кај дел од именувањата што се во надлежност на претседателот на државата.
Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 ја препознава потребата жените еднакво да учествуваат во донесувањето одлуки на сите нивоа во политичкиот и јавниот живот. Сепак, според ревизорите, утврдените индикатори не се доволно прецизни, а не се дефинирани ниту конкретни мерки, механизми за следење и одговорност на највисоките нивоа на управување.
Недостиг од конкретни активности бил утврден и во работата на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање, формиран во 2022 година од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Иако една од целите на Центарот е промовирање на учеството на жените и еднаквите можности за лидерство, во 2024 година не биле спроведени обуки конкретно насочени кон развојот и напредувањето на жените на лидерски позиции.
Ниту во документацијата за обуките реализирани од 2022 до 2025 година не биле идентификувани програми или активности посветени конкретно на жените лидери во политиката, Собранието и органите на централната власт.
Како сериозна пречка за учеството на жените во политиката и на високите раководни функции, ДЗР го издвојува и говорот на омраза, особено во онлајн-просторот.
Таквите напади не ги погодуваат само жените што извршуваат јавни функции, туку и членовите на нивните семејства. Поради тоа, говорот на омраза може да ги одврати жените од прифаќање раководни позиции или од активно вклучување во политичкиот живот.
Создавањето сигурна средина за учество на жените во јавниот, политичкиот и професионалниот живот, оценуваат ревизорите, е предуслов за демократско управување и поквалитетни јавни политики.
За отстранување на утврдените слабости, ДЗР упатил препораки до Собранието, Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и до политичките партии.
Од нив се бара да утврдат конкретни и мерливи мерки во Стратегијата за родова еднаквост, да ја подобрат меѓуинституционалната координација, да воспостават механизми за следење и евиденција и да ги зајакнат лидерските капацитети на жените.
Препораките предвидуваат и обезбедување родова еднаквост при именувањата, поголема транспарентност и создавање сигурна средина за учество на жените во политичкиот и јавниот живот.
Заклучокот на Државниот завод за ревизија е дека на државата ѝ е потребен одржлив систем што нема само декларативно да ја поддржува родовата еднаквост, туку ќе обезбеди еднаков пристап, фер третман и безбедни услови за жените да учествуваат во политиката и да преземаат високи државни функции.

Македонски


