Skip to main content

Повеќе од 20. 000 ученици се вклучија во националната кампања за заштита на животната средина

УНИЦЕФ Македонија

Денес многу училишни часови низ целата држава се одржаа на отворено – над 20.000 ученици и повеќе од 1.000 наставници од основните и средните училишта се приклучија на националната еко-акција Генералка викенд, низ практични експерименти, часови и работилници посветени на заштита на животната средина и климатските промени.

Преку еко-часови и активности за чистење, учениците ја претворија еколошката акција во практично учење. Освен активностите за чистење, училиштата имаа можност да изберат од над 130 однапред подготвени активности со видео-материјали и прирачници, адаптирани за наставници и изработени од Бирото за развој на образованието со поддршка од УНИЦЕФ и Шведска.

Во основното училиште „Лазо Ангеловски“, директорката на Бирото за развој на образованието Милка Тримчевска, претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер и градоначалникот на Аеродром Дејан Митески учествуваа во училишните активности.

Денес сведочиме дека кога наставниците активно ги вклучуваат учениците и го поврзуваат учењето со практични акции, училиштата стануваат моќни двигатели на промени. Овие искуства им помагаат на децата да стекнат знаења и вештини што ќе им бидат потребни за да се грижат за животната средина и квалитетно да придонесат во своите заедници,“ рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

„Интегрирањето на заштитата на животната средина во секојдневното учење е клучно за подготвка на учениците да станат информирани и одговорни граѓани. Преку оваа иницијатива, ја унапредуваме еколошката свест и граѓанската одговорност кај децата и младите,“ изјави Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието.

Поддршката на еколошки иницијативи отсекогаш била важна за нашата општина, затоа ни претставува особена чест што главниот настан годинава се одржува во училиште во нашата општина. Горди сме што сме дел од нешто што ги поттикнува децата и младите да се вклучат и да се грижат за животната средина,“ изјави градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески.

Активноста со еко-часови е дел од поширока програма на УНИЦЕФ финансирана од Шведска чија цел е да се интегрира еколошката едукација во формалниот наставен процес и да се поддржи Владата да го осовремени образовниот систем. Преку оваа програма, новите наставни програми и учебници од I до VIII одделение сега вклучуваат содржини за животната средина и климатските промени во повеќе наставни предмети. Над 7.000 наставници добија обука и ресурси за да ги преточат овие теми во живо и интерактивно учење.

Генералка викенд се организира петта година по ред, почнувајќи од 2021. Секоја втора сабота во мај ја чистиме нашата земја од отпадот на минатото и го рециклираме во зелена иднина за нас и за идните генерации. Оваа година, акцијата за чистење се спроведува на 600 локации во соработка со сите општини во земјата,“ изјави Гордана Софија од компанијата Мен енд маунтен.

Генералка викенд претставува партнерство на јавните институции и граѓанскиот сектор што комбинира граѓански активизам со практично учење. Овој пример на граѓански активизам во образованието покажува дека кога институциите, училиштата и заедницата соработуваат – младите можат да бидат носители на промената.

Поврзани вести