Skip to main content

Повеќе нема кумови, пријатели и советници по заслуга: Во администрацијата ќе има перформанси и одговорност, тврди Мицкоски

Со целосната имплементација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси, правиме разлика. Од хаос кон систем. Од пристрасност кон дигитална евиденција. Од импровизација кон стратегија.

Оваа реформа ја носиме во време кога граѓаните одамна го изгубија трпението. И со право. Затоа што долго време имаше една логика- администрацијата како партиски плен, институциите како приватен имот. Ние градиме систем. А Информациониот систем за управување со човечки ресурси е значаен чекор – објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски посочи дека со Информациониот систем за управување со човечки ресурси за прв пат во државата ќе има целосен и транспарентна слика за тоа кој каде е вработен, но и колкава плата добива.

Преку овој систем, за првпат државата има целосна и транспарентна слика за тоа кој е вработен, каде, по кој основ, со кои квалификации, каква плата добива и дали е заслужена. Повеќе нема кумови, пријатели, советници по заслуга. Сега има податоци, перформанси и одговорност. Претходната власт не остави систем. Ни остави мрежа. Мрежа на влијанија, уцени, договорени функции и поставувања преку врски. Се криеја вработувања од јавноста. Се местеше документација. Луѓе без ден искуство раководеа со сектори. Тој модел го рушиме од корен. И на негово место градиме нов – праведен, транспарентен и контролиран систем. Информациониот систем за управување со човечки ресурси е алатка, но реформата е политика која ние ја застапуваме. И ние таа политика ја водиме со јасен став- администрацијата не смее да биде партиска каса, туку државен сервис – рече Мицкоски.

Мицкоски рече и дека визија на Владата е јасна да создаде професионална, стабилна и отпорна администрација.

Да обезбедиме кариера, а не послушност. Да градиме луѓе, а не лојалности – рече тој.

Затоа денес, преку Информациониот систем за управување со човечки ресурси покажуваме што значи владеење преку систем, а не преку влијание.

Јавната администрација не припаѓа на ниту една партија. Таа припаѓа на народот. Ваквите реформи го градат системот што го потврдува тоа. И ова е само почеток. Ќе продолжиме со реформи. Ќе воведеме автоматизирани процеси. Ќе изградиме целосен дигитален систем на управување со институциите. Модерната држава не може да постои со застарена администрација – рече Мицкоски.

Граѓаните, додаде тој, очекуваат брза услуга, одговорност и ефикасност, а не бирократска лавиринти и чекање со месеци.

Администрацијата е лицето на државата. Ако тоа лице е неефикасно, затворено, арогантно или хаотично- тогаш и довербата во државата опаѓа. Во 21-от век, клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација. Без неа, секоја реформа е осудена на половичен успех. Ако сакаме европска Македонија, мора да имаме европска администрација. Не по имиња, туку по стандарди. Не по форма, туку по суштина – рече Мицкоски.

Поврзани вести