
Љупчо Почивалец кандидат за градоначалник за општина Радовиш од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати кон присутните и истакна дека во програмата има реални и изводливи проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Радовиш.
Почивалец претстави дел од проектите во програмата за овие избори.
„Уредување на речното корито и изградба на улици со целосна комунална инфраструктура од последниот мост до новиот парк „Воденица“. Нов модерен плоштад како централно место за културни и социјални активности – со поставување на урбана опрема, осветлување и простор за настани. Парк за рекреација и одмор на жителите, со пешачки патеки, детски игралишта и спортски реквизити кој ќе биде зелена оаза за здрав и активен живот. Уредување на Урбан блок 15 со нова улична мрежа, канализација и водовод. Булеварско уредување на улица „Македонија“, влезот на градот, со кружен тек за поголема безбедност и уреден изглед достоен за Радовиш. Уредување на јавните површини во сите населени места, за достоинствен изглед и функционални простори за граѓаните“ рече Почивалец.
Понатаму, Почивалец посочи и проекти кои се насочени кон младите во општина Радовиш.
„Драги мои, денес со особена гордост сакам да ви најавам и еден проект насочен кон младите, со кој ќе овозможиме намалување, а во одредени случаи и целосно ослободување од надоместокот за уредување на градежно земјиште за младите брачни парови до 30 години. Со оваа мерка ќе им ја олесниме патеката до сопствен дом и ќе им обезбедиме сигурна иднина – токму тука, во нашиот Радовиш.“ кажа Почивалец.
Почивалец на крај од своето обраќање ги повика граѓаните на општина Радовиш на 19 октомври да го заокружат број 9 за подобра иднина.
„Јас верувам во заедништво и сплотеност. Верувам дека кога работиме заедно, можеме да постигнеме големи работи. Мојот тим од советници е составен од професионалци од различни области, луѓе кои се докажале во своите професии и кои и порано и сега го вложуваат своето знаење и енергија за доброто на сите нас. И затоа на 19-ти октомври, сите заедно да излеземе и да гласаме за иднината! Заокружете го бројот 9! Гласајте за тимот кој работи и обезбедува реални решенија. Број 9! За професионална, одговорна и транспарентна локална власт. За континуитет и квалитет, за сплотеност и заедништво! За развој, на сите нивоа! Гласајте за чесност, за одговорност, за работни места и за просперитет“ заклучи Почивалец.