
Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска е во официјална посета на Естонија, од каде што нагласи дека предизвиците со кои се соочуваат Естонија и Македонија во однос на рамномерен регионален развој и системска поставеност се слични во одредена мера. Ова, според него, отвора простор за понатамошна соработка и споделување на искуства со цел унапредување на регионалната политика и ефективноста на локалната самоуправа.
Перински е во посета на Естонија заедно со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и претставници на УНДП.
Како што соопштија од Министерството за локална самоуправа, во рамките на посетата која е поддржана од УНДП како стратешки партнер, делегацијата оствари низа значајни средби со клучни институции кои имаат водечка улога во стратешкото планирање и развојот на Естонија, со фокус на мониторинг системот на стратешки документи.

Делегацијата оствари разговори со претставници на Центарот за стратешко предвидување, водечки тинк-тенк кој ги проучува долгорочните трендови и им помага на институциите во донесување на стратешки одлуки. Значајна средба, делегацијата одржа и со претставници од естонскиот Центар за меѓународна развојна соработка, на која, меѓу другото, се дискутираше и за различните модели на структурирање на странска помош и регионален развој во согласност со европските стандарди и практики. Една од клучните точки на посетата беше и средбата со државниот секретар Кеит Касеметс, на која се разгледуваше стратегијата „Естонија 2035“, која ја дефинира визијата и стратешките цели за развој на земјата во наредните петнаесет години и се заснова на инклузивен процес на учество на широк спектар на чинители, соопштија од Министерството.
Перински истакна дека посетата на Естонија беше фокусирана на размена на искуства и добри практики за мониторинг и имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024 – 2044, најважниот стратешки документ за нашата држава.

Посебен акцент беше ставен на стратешко планирање, регионален развој и дигитализација – клучни приоритети за нас како Влада и како држава, а Естонија е еден од водечките европски примери во тие области. Посебен фокус за нас како ресор е дигитализацијата на општинските услуги и зајакнувањето на капацитетите на општините. Овие средби ги користиме и како можност да преземеме знаења и практики кои ќе ни помогнат да бидеме значително поефикасни и како институции и како држава, додаде Перински.
Тој оцени дека посетата на Естонија е одлична можност да се согледаат најдобрите практики чија имплементација значително би помогнала за подобрување и унапредување на институционалните процеси и зголемување на ефикасноста на јавните услуги што им се обезбедуваат на граѓаните. Целта е, порача Перински, да се креираат јасни национални мониторинг системи и посилни и посовремени општини кои ќе одговорат на предизвиците на иднината.
Посетата на Естонија дополнително ја потврди посветеноста на нашата Влада кон стратешкиот развој, развиени мониторинг системи, дигиталната трансформација и зголемувањето на капацитетите на општините како дел од националните приоритети за иднината, се вели во соопштението на Министерството.