
Oгласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе биде објавен утре, соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Рокот за пријавување ќе трае 10 дена. Понатамошните фази од постапката ќе се спроведат согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, велат од Кабинетот на Гаши.
Според член 12 од овој закон, во случај на разрешување, односно престанок на функцијата на претседателот, односно член на Државната комисија пред истекот на мандатот, Собранието на Република Македонија започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на Државната комисија во рок од десет дена од престанокот на мандатот.
„Постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија започнува со објавување на јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија, а ја спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија. Рокот за пријавување на кандидати е десет дена од денот на објавувањето на огласот. Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието во рок од десет дена од објавувањето на огласот формира Комисија за селекција на кандидати за претседател и за членови на Државната комисија. Во рок од три дена од истекот на рокот за пријавување Комисијата за селекција утврдува листа на пријавени кандидати со податоци кои од нив ги исполнуваат условите. Во рок од пет дена од објавувањето на листата се организира интервју на кандидатите. Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието. Доколку Собранието не избере претседател и членови на Државната комисија, постапката за избор се повторува во целост со објавување конкурс веднаш, а не подоцна од рок од десет дена“, се наведува во член 12 од законот.