Skip to main content

Одржана средба со земјоделците: Гостивар ќе го отвори каналот за наводнување што минува низ „шеста зона“

Проблемот кој настана со покривањето на дел од каналот за наводнување кој што минува низ гостиварската населба „шеста зона“ ќе биде решен, информираат од општина Гостивар.

Земјоделци од повеќе полошки села годинава одржаа два протести и бараа каналот да се врати во првобитната состојба и да се овозможи проток на вода за наводнување во полн капацитет.

Претставникот на земјоделците Живко Јовановски од селото Теново потврди дека денеска се одржал состанок во локалната самоуправа и добиле уверување дека делот на кој претходно беше интервенирано ќе се врати во првобитна состојба, а по сезоната за наводнување ќе биде покриен.

Во информацијата се наведува дека општина Гостивар ќе спроведе јавна набавка за транспорт и бетонирање со армирани бетонски плочи со дебелина од 15 см, во вкупна количина од 130 м2, вклучително со потребните калапи и скелиња. Набавка, транспорт, сечење и вградување на арматурата за бетонската плоча, во согласност со техничкиот проект, во количина од 40 тони, стои во соопштението од локалната самоуправа.

Каналот ќе биде вратен во првобитна, функционална состојба со целосен капацитет на проток. По завршувањето на сезоната за наводнување, каналот ќе биде покриен со бетонски плочи, согласно на проектните спецификации, наведуваат од општина Гостивар додавајќи дека ќе се заложат активностите да бидат реализирани во најкус можен рок.

Земјоделците од 14 горнополошки села во два наврати протестираа заради покривање на каналот кој минува низ градска населба. Тие се жалеа на можни проблеми со наводнувањето на околу 3.600 хектари земјиште и тврдеа дека со градежниот зафат се намалил капацитетот на проток на вода од 4,1 м3 во секунда на еден кубен метар. 

Поврзани вести