Skip to main content

Oд Бугарија доаѓаат сигнали за дијалог: Муртезани апелира Брисел да повлече потег

ретставникот на Бугарија во Работната група за проширување на ЕУ ми пренесе дека бугарската страна е подготвена за разговори и упатува позитивни пораки за воспоставување на дијалог, изјави за МИА министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој од вчера престојува во дводневна работна посета на Брисел.

– Мислам дека се создава добра средина, која што мора да ја искористиме не само да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедските односи, туку и простор што ќе нè води кон заедничко прифатливо решение кое конечно ќе нè внесе во ЕУ- истакна Муртезани.

Вчера и денеска Муртезани имаше средби со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет, Оливер Ропке, со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман, со извршниот директор за Европа во Европската служба за надворешни работи, Мати Масикас, како и со хрватскиот европратеник Карло Реслер и со известителите на ЕП во сенка за земјава, Тајс Ројтен и Матеј Тонин.

На овие средби, според Муртезани, станало збор за динамиката на спроведување на реформите генерално, а особено оние што се дел од Реформската агенда во рамки на Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан.

– Ја искористив приликата да разговараме и за нашиот интегративен процес. Потполно сме свесни за пречките што стојат пред нас и нè превенираат од отворање на преговорите за да станеме полноправна членка на Европската Унија, како што потполно сме свесни за моментот којшто диктира дека брзо мора да најдеме решение, за да го истрчаме овој последен дел од 20-годишниот маратон – рече Муртезани.

Тој на средбите апелирал до сите претставници на ЕУ дека е потребен потег од Брисел, за да ги почнеме преговорите, имајќи предвид дека нашиот случај се соочува со долгогодишни билатерални спорови.

– За да продолжиме успешно напред, мора од Брисел да има ехо коешто ќе нè увери дека понатамошни ирационални билатерални прашања нема да ни го блокираат процесот на водење на преговорите, коишто за граѓаните сè уште се најголемиот стратешки приоритет – додаде Муртезани.

Поврзани вести