Skip to main content

Новинарскиот синдикат: Директорката на ЈЗУ Козле не ги разбира обврските на именуваните функционери

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја осудува објавата на в.д. директорката на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, д-р Каролина Симоновска во која таа забранува користењето на нејзиното име во медиумите и преуредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите. 

По серијата текстови во кои дел од медиумите пишуваа за состојби во Детската клиника Козле-Скопје, Симоновска во соопштение проследено до јавноста предупредува дека не дава согласност за користење на нејзиното име во медиумите со закана дека во случај на неовластено објавување на информации поврзани со неа, таа ќе поведе постапка и ќе преземе законски мерки. 

ССНМ ја потсетува д-р Симоновска дека јавната функција за која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста. Во исто време ниту таа, ниту кој и да е избран и именуван функционер не може да забрани споменување на нивното име кога се работи за извршување на нивните функции, платени од парите на граѓаните. 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници целиот случај го толкува како конкретна закана и попречување на работата на новинарите, и притисок врз независноста на медиумите, а избраните и именувани директори, па и државните органи кои ги поставуваат, ги потсетува дека ова е начин за наметнување цензура, а со неа се нарушува демократскиот амбиент во државата и се врши пресија врз колегите со несогледливи последици.

Поврзани вести