Skip to main content

Низ државата утре ќе се одржат над 80 Бадникови поворки, во Скопје централниот настан ќе биде на плоштадот „Македонија“

Од Здружението „Бадникови поворки“ информира дека оваа година поворките ќе се одржат на повеќе од 80 градови и населени места низ Македонија.

Годинава, освен на десетиците локации низ државата, Бадниковите поворки ќе се одржат и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави.

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои ќе учествуваат во организацијата на настанот.

Градоначалниците и општинските тимови утре во претпладневните часови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје.

Формирањето на централната поворка ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот. Потоа, точно во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божикната пештера.

За оваа празнична манифестација е предвиден и музичко-сценски настап во живо со повеќе од 40 уметници.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и кај градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Поврзани вести