
,,Во Охрид ќе имаме историски најголема победа на 19. октомври, Кирил Пецаков реализираше бројни проекти и е првиот градоначалник на општината што има далеку поголема поддршка за разлика од првиот пат кога бил избран“, истакна вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на средба со охриѓани.
,,Не е лесно во општина како Охрид, после 4 години да се застане со чист образ и да се побара уште четири години мандат, и притоа да се има резултати позади себе и да се има визија за иднината. Јас досега не можам да се сетам на градоначалник на општината кој што после завршувањето на мандатот, завршил без ниту една афера, без ниту еден скандал, со бројни реализирани проекти, со чист образ и со уште поголема поддршка отколку претходниот пат. Таков е Кирил Пецаков и затоа сум убеден дека ќе има историски најголема победа од било кој градоначалник што победил во Охрид“, рече Николоски.
Николоски се осврна и на потешкотиите со кои градоначалникот се соочуваше во првите три години од мандатот, кога беше мета на бројни опструкции од минатата влада предводена од СДСМ и ДУИ.
,,Првите години за градоначалникот беа многу, многу тешки. СДСМ соочена со пораз, не само што не помагаше, туку реално и одмагаше, не само во однос на проекти, не само во однос на автопатот Охрид-Кичево, туку и во однос на општината. Во такви услови, со три години влада на СДСМ и ДУИ, Кирил Пецаков, успеа да ја раздолжи општина Охрид, нешто што претходно беше мисловна именка за сите, и успеа да реализира бројни инфраструктурни проекти. Претходната влада секако не беше среќна со тоа, немаше недела или Финансова полиција, или обвинителство да не влезе во општината, мислејќи дека којзнае што ќе најдат, но кога работите чесно, нема што да се најде, и затоа после 4 години имаме градоначалник кој што има далеку поголема поддршка од тоа што имал првиот пат кога бил избран“, истакна Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред охриѓани го потенцираше и успехот на Владата околу изградбата на автопатот Охрид-Кичево, каде за година и три месеци се завршија 37км од 57км колку што треба да биде ова автопатско решение.
,,Како Влада се обидуваме да помагаме и да реализираме проекти максимално. Првата работа со која што се нафативме беше, би рекол почеток на работа на автопатот Охрид-Кичево, затоа што тоа беше заборавен, напуштен проект, проект на кој што немаше машини и работници, каде ништо не се случуваше. Иако бројни пријатели ме советуваа да не се зафаќам со оваа работа, мојата одлука беше дека прво ќе се занимаваме со овој проект, и еве сме на помалку од година дена откако беше избрана Владата, успеавме од 57км да завршиме 37км. Сукцесивно ќе продолжиме да ги пуштаме и останатите делови и до крајот на следната година, целиот автопат ќе биде завршен. Прв пат во историја на државата ќе завршиме нешто како што е предвидено во рок“, потенцираше Николоски.
Николоски истакна и дека активно се работи на автопатите Букојчани-Гостивар и Гостивар-Тетово, а веќе се пристигнати понуди за изградба на автопатот од Кичево до Букојчани, со што до крајот на 2028 година ќе се оствари деценискиот сон за целосно автопатско поврзување на Скопје со Охрид и Струга.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на реализираните проекти во изминатиот период, а најави и реализација на два големи инфраструктурни проекти за следната година, што се од огромно значење за Охридскиот регион.
,,Работевме и на Охрид-Св. Наум, целосно се рехабилитираше патот, а еве сакам да најавам уште два проекти кои што ќе ги работиме следната година. Првиот е рехабилитација на патот Битола-Ресен-Охрид и вториот е обиколница на Ресен со цел побрзо да се патува до Битола. Вториот голем проект е проектот кој што треба да значи автопатско поврзување на Охрид со Струга, односно делот од Подмоље до Струга и Струга-Дебар-Маврово, исто така целосна рехабилитација“, рече Николоски, кој побара масовна, референдумска излезеност и поддршка на престојните локални избори, со цел реализација на предвидените проекти.