
Денеска извршивме увид на улицата Палмиро Тољати во општина Гази Баба која се реконструира со поддршка на Владата во износ од 37,7 милиони денари. Ова е еден одличен проект бидејќи се решава цела населба и мислам дека ова е начин како треба да се водат проекти во иднина, напиша на Фејсбук, потпретседателот на Влада и министер за транспорт, Александар Николоски.

Следи еден инвестициски циклус каде покрај средствата коишто Владата ги префрла кон општините ќе има дополнителни средства каде Министерството за транспорт во соработка со Светска банка ги има обезбедено и ќе почнеме да ги реализираме во 2026, 2027 2028 и 2029 година, најави Николоски.

Целосната реконструкција на улицата „Палмиро Тољати“ која е една од поважните сообраќајници во Ченто, започна денеска.
Комплетна реконструкција на главната улица и сите нејзини краци во вкупна должина од 2,5 километри – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој воедно е и кандидат за нов мандат.
Стефковски додаде дека вкупната инвестиција, која е преку владата, е во висина од 37 милиони денари.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, кој присуствуваше на почетокот на градежните активности нагласи дека ова е одличен проект кој е решение за цела населба.

Мислам дека ова е начинот на кој треба да се водат проекти во иднина, да се изготвуваат целокупни решенија кои ќе значат целосно решение за една населба или едно маало, а не парцијални решенија. Убеден сум дека кога ќе заврши оваа работа, целата населба ќе добие нов лик и ќе стане многу поатрактивно место за живеење – посочи Николоски.
Николоски најави поддршка и во иднина за Општина Гази Баба, како и голем инвестициски циклус.