
Целосната изградба на Коридорот 10 е определба на Владата со цел Македонија да ја задржи стратешката позиција во Европа. Истовремено вложуваме стотици милиони во изградба на железничката и патната инфраструктура на Коридорот 8. Само така ќе спречиме државата да не стане слепо црево, а превозниците и бизнисот да избираат алтернативни коридори, истакна во гостувањето во емисијата “Стадион на Канал 77” заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Главната опасност е Македонија од држава во која што се сечат два Паневропски коридорида, да остане слепо црево. Во моментов Коридорот 10 во Европа е економски најисплатлив и на него има најмногу бизнис. Точно е дека Коридорот 4 е конкуренција, но се’уште Коридорот 10 има предност доколку се заврши целосно до 2031-32 година како што е планот. Зошто го велам ова? Пред некое време имаше протест на превозниците, се затворија границите. Едни од најпогодените држави беа Бугарија и Грција, а исто така многу погодена беше и Хрватска. Превозниците почнаа да транзитираат по Коридорот 4 и сфатија дека многу им е поскап превозот, затоа што патот е подолг за повеќе од 600 км, споредено со Коридорот 10. Но, ако не се изгради Коридорот 10 целосно, ќе возат и 600 км плус затоа што ќе немаат избор. Ние мора да го искористиме моментот и таа предност која што ја имаме како локација, рече Николоски.
Николоски зборуваше и за предноста која што Македонија во моментов ја има во однос на соседите, во изградбата и развивањето на Коридорот 8.
Ја завршивме првата фаза од пругата кон Бугарија. Делницата Куманово – Бељаковце е во функција од минатиот јануари. Бељаковце – Крива Паланка се работи веќе со добра динамика. Работиме со Европската инвестициска банка на објавување на повикот за изградба на третата делница. Веќе повикот за надзор очекувам следната недела да е објавен, а во следните две до три недели и повикот за градба, и веќе од доцна лето, рана есен да видиме активности на терен.
Вицепремиерот за прв пат откри конкретни чекори за развој и на западното крило од железничкиот Коридорот 8, проекти кои ќе бидат од огромно значење за развојот на економијата и бизнисот во западниот дел од државата.
Во однос на западното крило на Коридорот 8, на 22 април ќе имаме состанок со ЕУ кои што доаѓаат во Скопје, затоа што овој дел го ставивме во проектите од делот за раст. Првата фаза е целосна рехабилитација на правецот Скопје-Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево, а втората фаза е изградба на железница која што ќе оди Кичево-Охрид-Струга-граница со Албанија, истакна заменик претседателот на Владата.

Македонски


