
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојнче Ангелов, ги замоли ужалежните граѓани да не влегуваат на гробиштата на денешната погребна церемонија, туку тоа да го напрват отпосле.
Ангелов упати молба денес јавноста да ги остави ужалените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда и да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб.
Да го оставиме Синодот на МПЦ предводен од Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ ОА на гробиштата во Кочани како и свештениците во другите градови и села, непречено да ја одржат погребната церемонија. Сите ние сме тажни и сочувствуваме со семејствата на настраданите. Но, ги замолувам граѓаните кои денес во Кочани ќе оддадат почит на настраданите, да не ја попречуваат погребната церемонија. Невозможно е, нехумано и непотребно, сите во исто време да пријдат околу телата на починатите. На родителите им треба утеха од најблиските кои претходно ќе влезат со нив, повика Ангелов.
Тој рече дека поради конфигурацијата на теренот на градските гробишта во Кочани невозможно е безбедно влегување на поголем број на луѓе внатре во гробиштата.
На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани кои ќе ги пропуштат родителите со нивните најблиски.
Ги замолувам останатите ужалени граѓани, да останат надвор од портите на гробиштата. Достоинствено, без туркање и загрозување на својата и безбедноста на присутните да оддадат почит на настраданите, се вели во неговата молба.
По завршувањето на погребната церемонија, но и следните денови, како што додаде, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа.
На и околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број на лекарски тимови и вода за пиење.
Ангелов упати најдлабоко сочувство до сите семејства кои ги загубија своите деца.