
Секој што мисли дека може да се најде решение за војна и конфликт со гео-стратешки импликации без учество на Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон конфликтот, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на заедничката прес-конференција во Будимпешта со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Одговарајќи на новинарско прашање каква е нашата позиција во однос на тоа дека единствен начин да се стави мирен крај на војната во Украина се разговорите меѓу Америка и Русија, Муцунски посочи на Резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите Нации која повикува на мир.
Во последните години сите зборуваме за почитување на меѓународното право и неговите принципи. Сега имаме правно-обврзувачка резолуција да бараме мир. Секој што мисли дека изнаоѓање на решение на таков тип на војна и конфликт, со такви гео-стратешки импликации, секој што мисли дека тоа може да се оствари без Соединетите Американски Држави, има несериозен и неискрен пристап кон овој конфликт, рече Муцунски
Тој нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи: полноправно членство во НАТО, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и стратешко партнерство со САД.
Нашата надворешна политика како држава има три константи – нашето полноправно членство во НАТО и да останеме кредибилен партнер во НАТО, нашата 100 процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и сме целосно усогласени со ЗНБП на ЕУ, и нашето стратешко партнерство со САД. Пред сѐ и над сѐ во тој контекст е македонскиот национален интерес, и затоа повторувам дека сето ова што го правиме, сите одлуки што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси, нагласи Муцунски.
Toj посочи дека секоја одлука што ќе ја носиме ќе биде во рамките на овие три постулати земајќи го предвид нашиот национален интерес, во консултација со сите наши клучни стратешки партнери.