Skip to main content

Мизрахи: Бизнисот бил карциномот на здравствениот систем во Македонија

За потсетување, беше увидено дека никогаш не била формирана стручна комисија која разгледувала кои медикаменти и во која количина ќе бидат потребни на пациентите. Тоа било одлучувано на друго место, а не согласно потребите на пациентите и тоа е доволен показател за каде треба да се бара вината во овој случај, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи на панел дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Моќта на лековите, живот или профит“ за случувањата во Клиниката за онкологија.

Според пратеничката, за шест месеци не можете да направите преглед на сите пациенти кои што поминуваат низ клиниката, а кога немате аналитика за бројот на пациенти, не можете да направите аналитика за набавките кои ви се потребни. Додаде дека недостасувале 6 месечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку коишто се довела самата Клиника во долгови до 12 милиони евра, никогаш не биле пропишани протоколи, дека никогаш немало вонреден надзор и други увиди кои ги изнела Анкетната комисија.

-Имало профити (на Онкологија) кои што биле позначајни од животот и здравјето на граѓаните. До тука можеме да заклучиме дека системот бил во целосно безредие, хаос, којшто довело до колапс и верувавме дека овој колапс не е само на Клиниката за онкологија, туку во целокупниот здравствен систем, рече Мизхрахи на дискусијата, додавајќи дека „бизнисот бил карциномот на здравствениот систем во Македонија“.

-Карцином не се лечи преку ноќ и ќе се лечи долго време, кажа пратеничката.

Претседателката на тогашната Анкетна комисија за тогашните случувања на Онкологија ја лоцира политичката одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче и кај поранешните директори на Клиниката за онкологија. Пратениците од СДСМ, пак, побараа оставка од Мизрахи и обвинија за „класична политичка злоупотреба од страна на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мизрахи, објаснувајќи ги заклучоците, во ноември 2023 година потенцираше дека клучниот документ кој ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година, кој уште во текот на изготвувањето им бил претставен на раководните лица во Министерството за здравство, како и директорите во ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија.

СДСМ деновиве ја обвини власта дека со денови ги остави пациентите на Онкологија без лекови и соодветна терапија. Тврдат дека виновниците се директорот на Клиниката за Онкологија, Игор Стојковски, директорот на ФЗО, Сашо Клековски и министерот за здравство, Арбен Таравари и бараат од нив да си поднесат оставки.

Клековски вечерва изјави дека нема да поднесе оставка на барањата на СДСМ, посочувајќи дека партијата нема кредибилитет да повикува на одговорност. Во однос на новонастанатата ситуација на Клиниката за онкологија, за недостигот на биолошка терапија, појасни дека од 5 илјади пациенти само една мала група се со недостиг на одредена терапија и оти работат на отстранување на тој недостаток.

-Директорот ја наследи Клиниката за онкологија со 12 милиони евра долг и со сите оние проблеми кои допрва ќе излегуваат во јавноста. Во овие шест месеци Фондот обезбеди дополнителни пет милиони евра за санација на финансиската состојба, кажа Клековски во вестите на Тв Сител.

60-пациенти чекаат за биолошка терапија на Oнкологија. Надлежните велат дека проблемот деновиве ќе се надмине, но додаваат дека е потребно да се направи регистар на болни за да може соодветно да се планираат набавките. Клиниката, пак, предупреди дека персоналот е преоптоварен.

Поврзани вести