Skip to main content

Минчев на средба со француски експерти за воспоставување на Академијата за обука на административните службеници

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со проф. д-р Жан-Мишел Ејмери-Дузан од Институтот за политички студии во Тулуз, истакнат француски експерт за јавна администрација, како и со Неда Малеска Сачмароска, извршен директор на Центарот за управување со промени (ЦУП). Средбата се одржа во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници“.
 
Како што информираат од Министерството за јавна администрација, разговорите биле насочени кон експертската поддршка за подготовка на подзаконските акти неопходни за воспоставување на Академијата за обуки и стручно усовршување на административните службеници, за изработка на јасен модел според кој ќе се планираат обуките, како и за подготовка на сеопфатна анализа што ќе ги утврди конкретните потреби за обука на административните службеници.
 
Министерот ја истакна значајната улога на идната Академија како институционален столб за континуирано професионално развивање на административните службеници во рамки на Министерството.
 
Министерството за јавна администрација во септември годинава потпиша Меморандум за соработка со Амбасадата на Република Франција, со што и официјално започна реализацијата на овој стратешки проект кој има за цел подигнување на квалитетот, ефикасноста и професионалните стандарди во јавната администрација.

Воспоставувањето на Академијата претставува клучен чекор кон создавање модерна, компетентна и сервисно ориентирана јавна администрација. Посветени сме на тоа административните службеници да добијат систематска, квалитетна и континуирана обука, а поддршката од француската страна и од експертите е од исклучително значење за успешно реализирање на оваа реформска цел, истакна Минчев.

Оваа средба претставува уште еден важен чекор во унапредување на соработката со меѓународните партнери и во градењето на современ систем за обука и професионален развој на административните службеници.

Поврзани вести