Skip to main content

Мицотакис: Грција ќе остане „чувар“ на слободата на пловидбата

Кабинет на грчкиот премиер

Сакам да се обврзам дека Грција, ќе остане „чувар“ на слободата на пловидбата. Во тесна соработка со сите земји-членки на ОН, заедно ќе работиме за оваа многу важна цел, за време на нашиот мандат во Советот за безбедност, но и потоа, посочи грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во неговото обраќање на настанот на високо ниво за „Зајакнување на поморската безбедност преку меѓународна соработка за глобална стабилност“ во рамките на грчкото претседателство со СБ на ОН, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека поморскиот превоз е од витално значење за безбедноста на синџирот на снабдување, бидејќи, како што рече, над 80 отсто од глобалната трговија се транспортира по морски пат, но и додаде дека сè побројни се заканите за поморската безбедност, како што се шверцот, тероризмот и пиратството, но и хибридните напади што влијаат врз бродовите, врските и пристаништата.

Глобалните проблеми бараат глобални решенија. Заканите за поморската безбедност не се поразлични. Единствениот начин за справување е преку ефикасна меѓународна соработка, дали на ниво на држави, на ниво на меѓународни организации или на ниво на приватниот сектор. Јасно е дека треба да направиме повеќе, рече Мицотакис.

Додаде дека „овој напор треба да се фокусира на шест клучни области“: зголемена поморска свест, односно вистинско разбирање на сè што е поврзано со поморскиот сектор; безбедност на поморскиот сообраќај; зајакнување на градењето капацитети, вклучително и капацитетите за спроведување на законот во областите на навигација, пристаништа и поврзаност, што е од особено значење во борбата против безбедносните закани; зајакнување на законската рамка; заштита на животната средина и зајакнување и заштита на морнарите.

Поморската безбедност директно и тесно е поврзана со основните вредности на слободниот свет. Никој не би можел вистински да ужива во воспоставените принципи на слободата на морињата, ниту во слободата на трговија што обезбедува економска и мирна поврзаност, без предуслов да биде поморската безбедност. Денес, со задоволство констатирам, од широкото учество на земјите-членки во оваа дискусија, дека го делиме ставот за огромната важност на поморската безбедност, порача Мицотакис.

Поврзани вести