Skip to main content

Мицкоски за преговорите со Бугарија: За танго се потребни двајца

Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг изјави дека сè уште нема јасна информација дали бугарската влада е подготвена да присуствува на најавените состаноци со македонската страна.

„За танго се потребни двајца. Не можеме сами да преговараме ако другата страна избегнува одговорност. Бугарската страна вели дека можеме сами да го решиме тоа, дека е билатерално прашање. Ако е така, ние сме подготвени да одиме каде било во Бугарија. Но ако е европско прашање, логично е разговорите да се водат во Брисел“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека нема никакво поместување околу гаранциите што ги бара Македонија и дека владата е фокусирана на директни разговори и преговори.

„Она што Генчовска и Османи го потпишаа е записник. Во Брисел велат дека тие протоколи не се дел од преговарачката рамка. Ние бараме јасен одговор – се или не се“, нагласи тој.

Мицкоски предупреди дека историската комисија не смее да биде услов за напредокот на државата кон ЕУ.

„Ако историската комисија одлучува дали ќе бидеме во ЕУ – тогаш нема да бидеме. Внесувањето на Бугарите во Уставот е само почеток. После ќе дојдат нови условувања – за Гоце, за други прашања…“, изјави тој.

Осврнувајќи се на политичката реторика, Мицкоски рече дека СДСМ ја гради тезата дека „тие сакале да бидеме богати и интегрирани, а ВМРО–ДПМНЕ сиромашни и изолирани“.


„Но реалноста е поинаква – секоја отстапка што ќе ја направиме генерира нови барања. Велиме: кажете ни кои се вашите очекувања, па седнуваме на маса“, додаде Мицкоски.

Тој порача дека државата не треба да биде наивна.

„Прашањето е дали ќе продолжиме понатаму и ќе мислиме дека со отстапки ќе дојдеме до решение. Не се согласувам. Патот што го води ВМРО-DПМНЕ е тежок, но не е срамен.“


Поврзани вести