Skip to main content

Мицкоски за евроинтеграцијата: Претходните премиери влегоа во авантура да прифатат нешто без да има гаранција и предвидливост

 Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница уште еднаш повтори дека иднината на земјава е во Европската унија и дека Владата ќе стори се што е во нејзина моќ да се реализира оваа стратешка цел, но без двојни стандарди и согласно Копенхашките критериуми. 

– Не треба да има дилема дека иднината на Македонија е во рамки на Европската унија. Пристапот за да дојдеме до реализација на таа цел е поинаков. Претходната влада имаше пристап со кој мислеа дека ако прифатат се што ќе им биде ставено на маса, ќе бидат ослободени од криминалот и корупцијата. Но, граѓаните минатата година на изборите избраа по која патека ќе се движи државата, а тоа е траекторијата на правичност, работа и чесност, рече Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашања на денешната собраниска седница. 

Претходните премиери, како што рече, многупати досега не ја кажувале вистината и влегле во авантура да прифатат нешто без да има гаранција и предвидливост во понатамошниот процес. 

–  Ние не размислуваме така, туку сосема поинаку – ќе сториме се што е во наша моќ да ја реализираме оваа стратешка цел, но без двојни стандарди  и согласно Копенхашките критериуми и да имаме двонасочна, а не еднонасочна улица, рече Мицкоски. 

Повикувајќи се на тоа како Европската унија ги градира државите од регионот по нивото на подготвеност, Мицкоски рече дека најслабо рангирана е Босна и Херцеговина, а пред неа се Косово и Албанија, додека Македонија и Србија се на слично ниво, а предводник во групата е Црна Гора. 

– Ова е табелата што ја градира Европската комисија според нивото на подготвеност, рече Мицкоски. 

Посочи дека како држава сме први во однос на усогласувањето на надворешната и безбедносната политика, а го имаме воведено и Единствениот европски платежен систем СЕПА. 

Седницата посветена на пратенички прашања продолжува по редовната едночасовна пауза со одговор од министерката за образование и наука Весна Јаневска

Поврзани вести