
Јавната администрација не е само механизам за спроведување на законите и политиките, таа е лицето на државата, одраз на нејзината ефикасност и посветеност кон граѓаните. Колку е подобро организирана, толку побрзо и поквалитетно ќе ги испорачува услугите. За жал, во изминатите години сведочевме на слабости, партизираност, неефикасност, недоволна компетентност на одредени кадри. Сега е време за промени, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на втората седница на Советот за реформа на јавната администрација.
Како што информира владината прес-служба, Мицкоски истакнал дека нема веќе седење дома и земање плати и најавил дека Владата ќе се фокусира на одредени елементи во јавната администрација да ја направи поефикасна.
Можам да соопштам дека нема повеќе луѓе кои седат дома и земаат плата. Се бориме за систем на заслуги наместо партиски влијанија. Професионалната администрација подразбира дека вработувањата и унапредувањата се засноваат на знаење, вештини и резултати, а не на политички или лични врски. Воведување транспарентни критериуми за селекција, тестирање и континуирана евалуација ќе гарантира дека само најдобрите ќе бидат дел од институциите. Континуирана обука и развој, светот се менува брзо, а со него и предизвиците во јавниот сектор. Затоа, нашите службеници мора постојано да се усовршуваат. Ќе обезбедиме програми за обука, размена на искуства со напредни администрации и воведување на најдобрите меѓународни практики – нагласи Мицкоски.
Премиерот најави зајакнување на етичката свест и механизмите за отчетност на администрацијата кон граѓаните.
Дигитализација за поголема ефикасност е многу значајна. Современата јавна администрација мора да биде технолошки напредна. Ќе инвестираме во дигитални алатки кои ќе го намалат времето на обработка на барањата, ќе ги елиминираат непотребните чекори и ќе ја зголемат ефикасноста. Квалитетната администрација бара мотивирани и задоволни службеници. Тоа значи подобри работни услови, фер плати и можности за напредување врз основа на реални заслуги – рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека јавната администрација е сервис за граѓаните и дека реформата мора да се спроведе ако сакаме европска држава.
Ова не е промена што се случува преку ноќ, но е реформа што мора да ја спроведеме доколку сакаме модерна, европска држава. Јавната администрација мора да биде сервис за граѓаните, а не институција што ја кочи државата. Време е да создадеме систем во кој професионалците ќе ја движат администрацијата напред – порача Мицкоски.
Како што информира кабинетот на министерот за јавна администрација, анализата на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, усвојувањето на годишните извештаи за 2023 и 2024 година и презентацијата на наодите од оценската мисија на СИГМА за напредокот на Република Македонија во областа на јавната администрација беа во фокусот на втората седница на Советот за реформа на јавната администрација.