Skip to main content
oDRb4RuN3xI

Мицкоски: Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува поцврст и поодговорен механизам за одлучување

Влада

Денес правиме чекор кој долго време недостасуваше во системот на управување со јавните инвестиции. Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува нов, поцврст и поодговорен механизам за одлучување, кој не се води од импровизации, туку од јасни критериуми, визија и стратегија, истакна денеска во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски.

Ова не е само административна одлука. Ова е суштинска промена во начинот на кој ќе ја градиме иднината. Зашто јавните инвестиции не се бројки на хартија, тие се патишта по кои се движи економијата, училишта во кои учат нашите деца, болници во кои се лекуваат нашите граѓани, енергетски капацитети кои ја гарантираат стабилноста на државата, рече Мицкоски.

Целта што ја поставуваме е јасна: секој денар од буџетот да биде насочен таму каде што создава најголема вредност. Таму каде што носи раст, отвора работни места и го подобрува квалитетот на животот. Времето на стихијно планирање заврши. Доаѓа време на систем, одговорност и резултати, вели премиерот.

Листата на проектни идеи која денес ја разгледуваме е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.

Во транспортот, зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија.

Во образованието, продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Универзитетот „Мајка Тереза“. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем.

Во здравството, инвестициите во регионалните клинички болници во Тетово, Штип, Кичево значат подобра здравствена заштита, современи услови и достоинствен третман за секој граѓанин.

Во дигиталната трансформација, поставуваме темели на модерна држава преку воспоставување на владин податочен центар, сигурна мрежа и зајакната сајбер безбедност. Тоа е основа за ефикасна, транспарентна и дигитална администрација.

Во земјоделството и водостопанството, инвестициите во системите како Злетовица, Стрежево и ревитализацијата на водните ресурси се инвестиции во стабилноста на производството и сигурноста на храната.

Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, ја зајакнуваме енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори на енергија, батериски системи и модернизација на постојната инфраструктура. Ова е борба за сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството.

Важно е да се потенцира дека за секоја од овие проектни идеи, Министерството за финансии даде позитивно мислење за продолжување во следната фаза. Тоа значи дека се работи за сериозни, издржани и остварливи иницијативи.

Но, токму тука започнува вашата најголема одговорност. Комитетот не е формалност. Комитетот е филтерот на квалитетот. Вашата задача е да ја утврдите листата на оценети и одобрени проектни идеи, која ќе биде основа за првата Конечна приоритетна листа на јавни инвестиции.

Благодарност до министерката за финансии за нејзниот ангажман и посветеност и благодарност до секој еден од вас за вашата посвтеност и вашиот ангажман во делот на изготвување на овие проектни идеи.

Од вашата работа ќе зависи дали ќе имаме јасни приоритети, дали ќе имаме рамномерен развој и дали ќе ја насочиме државата кон вистинските проекти.

Ние како Влада во изминатиот период ги поставивме темелите. Сега е време тие темели да се надградат со систем кој ќе гарантира резултати.

Затоа што дојде времето на Македонија да гради паметно, да инвестира стратешки и да испорачува конкретни резултати, прача премиерот Мицкоски.