Skip to main content

ВЛЕН: Од надеж до политичко движење што најавува промени

Коалицијата ВЛЕН претставува надежта што прераснува во политичко движење, се наведува во соопштението од ВРЕДИ.

Според партијата, станува збор за надежта на Албанците кои, како што велат, одбиле да останат „заложници на старата политика, на повторените ветувања и на истите лица кои со години се вртат околу власта“.

Од ВРЕДИ посочуваат дека иницијативата, која започнала како обид за обединување околу идејата за промена, денес се трансформира во пошироко уверување дека на Албанците им е потребна политичка сила што ќе ги обединува, а не ќе ги дели, и која ќе ги претставува, наместо да ги користи.

„ВЛЕН е одговор на потребата за вистинска промена – не само преку зборови, туку преку јасен правец и визија“, се наведува во соопштението.

Оттаму додаваат дека, според нив, граѓаните повеќе немаат потреба од политика што ги сведува на бројки, туку од пристап што гради доверба, одговорност и јасна перспектива за иднината.

Во соопштението се потенцира и дека ВЛЕН нуди, како што велат, одржливи решенија, за разлика од досегашните „политички крпеници“ кои, според нив, оставиле систем со бројни слабости и намерно создадени пречки.

„Политиката ја гледаме како долгорочна одговорност, а не како приватна сопственост или интерес на тесен круг“, стои во текстот.

На крајот, од ВРЕДИ порачуваат дека, според нив, ова е момент за „силен, обединет и јасен политички субјект“, додавајќи:

„ВЛЕН доаѓа. Кога, ако не сега?“

Поврзани вести