
Имаме опозиција која боледува од вирусот на безидејноста, која не извлече ниту една лекција зошто се таму каде што се и толку се слаби што во овој момент некогаш големата СДСМ се сведе да биде застапник на одредени бугарски интереси и да е, за жал, нивната продолжена рака, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибината во Кичево „Образование и социјална политика, ги градиме темелите на промените“.
И втората работа, која што исто така е карактеристична за СДСМ, е да се борат на овие избори, не со тоа тие каков концепт ќе понудат, туку да работат по секоја цена ДУИ да има добар резултат и да ја спасуваат политичката кариера на политичарите од ДУИ, меѓу нив и Али Ахмети. Од некогаш големата СДСМ, станаа само на овие локални избори, овие две работи, рече Мицкоски.
Тој притоа укажа на залагањата на СДСМ во однос на уставните измени.
И за овие две работи кои ги тврдам, има и конкретни чекори кои ги преземаат. Видете кој најгласно во Македонија зборува за уставните измени, чии полуги слугуваат на оние пропагандни и пред се лажни текстови каде се бројат измислени пасоши за македонски политичари. Без задршка, без ограда, излегува претседателот на СДСМ и зборува дека безусловно ќе го променел Уставот и ќе ги вметнел Бугарите во Уставот. Сега ми е јасно зошто ја отфрлија секоја подадена рака од моја страна за државно единство за националните прашања. Затоа што во СДСМ политичарите се на копче. И тоа го прават притиснати од својата безидејност и концесии од минатото. И затоа толку на ниско ја водат политиката, вели Мицкоски.

Тој посочи дека опозицијата вниманието кон себе не го привлекува со работа или труд, туку со поделби, со омраза и со слугување.
Нема несреќа која не ја злоупотребија и судбина која не ја искористија. Нема пожар за кој не направија прес-конференција, а сите знаеме дека најголемиот дел од нив се подметнати. Тие се водат од тоа колку полошо за народот, толку подобро за СДСМ. Значи, вниманието кон себе не го вртат со работа или труд, туку со поделби, со омраза и со слугување. И затоа, тие кога знаат дека не се конкурентни со работа, идеи и концепти, нивната задача е ДУИ да го помогнат на овие избори. Затоа станаа нивен изведувач во политиката, за да спасат кариери, но така спасуваат и бизниси кои си ги почнаа додека заедно беа на власт. Народот не им верува и затоа воопшто немаат доверба. Неодговорно е таквото однесување кон самите себе, но и кон Македонија, потенцира Мискоски.
Тој притоа порача дека ова е време на надеж и дека вреди да се работи и да се остане во земјава.
Ова е време на надеж. Време на визија. Време кога конечно се враќа верата дека вреди да се остане тука. Вреди да се работи тука. Времето на Македонија која допрва доаѓа. Оваа година беше година за вас. За секој еден од вас. За секое дете, секој млад човек, секој родител и секој пензионер. Оваа година ги поставувавме темелите. Од следната, градиме кат по кат. Времето на Македонија доаѓа, порача Мицкоски во обраќањето пред Кичевчани.