
Пред една година, народот ни ја довери честа и одговорноста да ја водиме Македонија. Не ни ја даде само власта, туку ни ја предаде надежта, очекувањата, разочарувањата од претходно. Државата беше понижена, но не изгубена. Народот кажа, доста беше. И промената започна, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на вечерашната трибина на тема „Инфраструктурен бум – ги градиме темелите на промените“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ која се одржува во Гевгелија.
Во продолжение интегрален текст од говорот на премиерот Мицкоски на трибина на тема „Инфраструктурен бум – ги градиме темелите на промените“:
Ја презедовме државата во состојба во која малку кој веруваше дека може да се исправи. По седум години безвластие и бесчестие, институциите беа девастирани, економијата пред пропаст, сиромаштијата продлабочена, а народот оставен сам на себе. Македонија беше држава киднапирана од картели, партиски врски и коруптивни шеми. Народот не беше граѓанин, туку заложник на таа мала тесна клика на власт. Институциите не беа сервис, туку сопственост на таа клика. Законот не беше рамка, туку алат за одмазда. Одговорноста не постоеше. Редот беше укинат. Вистината беше претворена во тишина.
Но, ние не дојдовме да молчиме. Не дојдовме да управуваме од комоција. Не дојдовме да ги гледаме проблемите. Дојдовме да се фатиме во костец со нив. Да се фатиме со вистината. Да се фатиме со темелите. Во суштина, да ја обновиме државата не со шминка, туку од корен. Како што рекол Черчил: „Не стануваш голем со избегнување на одговорноста. Големината почнува кога ќе застанеш пред вистината“.
Се сеќавате на шемите на Артан Груби, на соравиите на ДУИ и внчучињата на Али, да потсетам на гафовите на Ковачевски, тендерите во РЕК Битола или понизноста и клечењето на Заев и партнерствово во бизнисите со Венко Филипче. Истите тие кои мислат дека меморијата на народот се брише со гума, се лажат.
И свесен сум дека имаме исклучително тешка задача. Затоа првата година ја посветивме на основата.Во суштина, на темелите. Градевме институции кои всушност се за граѓаните. Повторно ја вративме функцијата на државата ,да штити, да служи, да создава. Воспоставивме владеење на правото, го стабилизиравме економскиот курс на Македонија, ја намаливме инфлацијата, го обновивме интегритетот на системот.
Започнавме реформи кои го раздвижуваат замрзнатиот јавен механизам и покажавме дека владеењето не мора да биде привилегија, туку чест и должност. Почнавме со тоа што никој не помислуваше и не сакаше да го допре. Го раскрстивме комфорот на политичкиот договор и се фативме со реалната борба.
И да. Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови, ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени и рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, време кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на пропсеритет, ред, развој, почит, човечност, земја на вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе.
Инвестицискиот циклус што го отпочнавме е најголем во последната деценија.
Драги браќа и сестри ,
Пред само неколку дена, поставивме темел за еден од најголемите и најзначајните енергетски проекти во нашата историја, ветерниот парк со 55 ветерници што ќе се простира на преку 300 хектари во источниот дел на Македонија.
Инвестицијата вредна половина милијарда долари е јасен сигнал дека Македонија влегува во нова етапа на енергетска независност, зелен развој и модернизација.
Овој проект не претставува само чекор кон чиста енергија и заштита на животната средина, туку и конкретен доказ дека нашата економска и институционална стабилност почнува да дава резултати.
Македонија станува препознатлива како стабилна, сигурна и атрактивна дестинација за крупни странски вложувања.
Таму каде што со години имаше само зборови и празни ветувања, денес има резултати, кранови, машини и визија што се реализира.
Тоа е патот по кој одиме, пат на реализирани испорачани дела, а не на празни зборови.
Минатата година беше рекордна според приливот на странски директни инвестиции – 1,255 милијарди евра.
Тоа не се само статистички бројки, туку живи показатели дека конкретно македонската економија се движи напред.
Како индикатори за овој економски напредок, ги издвојувам растот на извозот на земјоделски производи во првите 5 месеци од оваа година споредено со истиот пет месечен период од минатата година за 57%. Зголемување на бројот на туристи во првиот квартал од оваа година споредено со истиот период од минатата година за 22%, а Обединетите нации ја ставија како осма дестинација за туристи, Македонија во светот.
Индустрискиот раст од 9,4% само во месец мај споредено со мај минатата година.
Тоа се резултати кои говорат сами за себе, за зголемена доверба, за нови погони, нови работни места, и за тоа дека економската политика е исправна.
Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А, довербата се враќа со дисциплина, со стабилна институционална рамка и со непоколеблива борба против криминалот и корупцијата.
Тоа е моделот што го градиме, модел на одговорност, предвидливост и работа и само работа исклучиво во интерес на граѓаните. Обезбедивме средства, отпочнавме проекти и не застанавме ниту еден ден. За една година реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти низ цела држава. Тоа не се бројки за на хартија, тоа се мостови, патишта, болници, училишта, градинки, железници, локомотиви, авиолинии, автобуси, општински проекти. А токму денес, пред вас, ви кажуваме: следната година, бројот на проекти ќе се зголеми трикратно, токму поради ова што денеска го потпишавме, а тоа се оние нови 828 проекти коишто ќе ги финансираме за општините, односно за вас. Ќе реализираме проекти коишто имаат за цел нови работни места, нови индустриски зони, дигитални услуги и инфраструктура која ќе биде столб на модерна и стабилна држава.
Во инфраструктурата, го постигнуваме највисокиот процент на изградба од осамостојувањето до денес. Започнавме изградба на автопатот Тетово–Гостивар, Гостивар–Кичево и Прилеп–Битола. Го пуштивме експресниот пат Градско–Дреново, и Дреновска Клисура Фариш, го пуштивме и патот Ранковце–Крива Паланка. Го реконструиравме патот Охрид–Св. Наум, пругата Куманово–Бељаковце. Од нула локомотиви, за само три месеци пуштивме 11 во употреба. Воведовме 11 нови авиолинии. Обезбедивме 360 милиони денари субвенции. Доделивме над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија. Започната е постапка за избор на трет мобилен оператор, што ќе донесе конкуренција и поевтини услуги. Отпочнавме процедура за набавка на нови 120 електрични автобуси, што ќе бидат распределени во неколку општини што имаат организиран градски превоз во државата. Автопатот Кичево–Охрид, кој беше заглавен со години, денес е во завршна фаза при што пуштивме еден дел. За прв пат во историјата на Македонија, се градат 4 автопати истовремено. Кичево Охрид, Прилеп Битола, Гостивар Кичево и Тетово Гостивар итн. И сето тоа го направивме без галама, без тапани, без фалбаџиски прес-конференции. Тивко, домаќински, државнички.
Подобривме плати во здравството. Подготвивме мерка за купување на електронски уреди за студентите. Ги зголемивме пензиите. И продолжуваме и понатаму да ги зголемуваме, и тука не запираме. Во следниот период, ќе следуваат уште поконкретни мерки за младите, за земјоделците, за работниците, за секој кој сака да гради живот овде, дома, во Македонија.
Но, токму кога државата почна да се исправува, кога граѓаните повторно почнаа да веруваат, кога се појави светлина по темнината, се појавија повторно истите. Истите луѓе, истите структури, истите лаги. Ги гледаме истите сценарија. Одеднаш станав повторно „антизападен“. Па „антиамерикански“, па што ли уште нема да им текне. Потоа пак се премислија, сум бил со Американците, ама против Европската Унија. А, сега, најновото што го прочитав во 2008 сум имал намера да се интересирам и да вадам бугарски пасош. За две недели, три идентитети. Но само еден народ. А тој народ, не можеш да го лажеш.
Јасно е зошто го прават тоа. Затоа што Македонија повеќе не ја водат полтрони. Нема веќе пазарење со идентитетот. Нема виткање кичма. Нема поткупување. Македонија не е за продавање. И тоа, за жал, се уште има такви коишто можат да го поднесат.
Почнаа лаги. Почнаа клевети. Почнаа конструкции. Зошто? Затоа што не можат да нè победат на избори, не можат да не победат со работа. И затоа сакаат да победат со лаги, но и тоа не им оди. Затоа што знаат дека ВМРО-ДПМНЕ не можат да го скршат. Па сакаат да го избришат. Затоа што знаат дека немаат друг начин. Слушаме за милиони евра влезени во државата за рушење на македонскиот идентитет, за создавање структури кои треба да го дискредитираат ВМРО-ДПМНЕ и да ја разбијат националната свест. Но, тоа нема да им успее. Затоа што народот гледа. Затоа што народот не е наивен. И затоа што ние стоиме исправено. Со крената глава. Без срам и велиме: Македонија ќе ја браниме и таа не е за продавање.
Историјата нè учи дека секогаш имало луѓе кои ја бранеле Македонија, и комити, и војводи, и партизани, и бранители. И секогаш имало, без исклучок, такви кои ја предавале. Првите биле тивки, но исправени. Вторите гласни, но поткупени. Но, историјата ги помни само првите. Како што рекол Теодор Рузвелт: „Во секој век, има малкумина кои стојат исправени додека сите други се поклонуваат“. Тоа се луѓето што ја менуваат историјата. Годината е изборна. Непријателите на Македонија се нервозни.
Нема веќе полтрони и снисходливи, срамни политичари што ја брукаа државата, што ја виткаа кичмата, на едно кивање однадвор. И тоа им пречи на некого. И тоа е сосема нормално и тоа е сосема очекувано.
Приметете многу прецизно. Тие без срам велат дека ќе прифатат се што бараат бугарите. Филипче вика Бугари во Устав, а зошто да не. И веднаш потоа и самиот признава, и самиот знае дека тоа не е единствениот услов, туку во игра е и јазикот, идентитетот, културата, многувековната традиција и наше наследство. Тој свесно прифаќа да се прифатат бугарските барања и да се пазариме за наредната фаза, наредната црвена линија од која нема назад, демек тоа за него било иденитетот и јазикот. Е тука имаме голема разлика. Нема попуштања и нема чекор назад, затоа што веќе нема простор за играње со чуствата на Македонците. Јас отворено зборувам за овие работи, без ракавици, затоа што работиме чесно, затоа што нема како нив да прифатиме се што ќе сервираат на маса, само за да се прогледа низ прсти за некаков криминален тендер што беше традиција во претходната влада. Затоа ослободени од тој багаж, јас ќе говорам и за оние неколкумина дволични политичари во Европа, за двојните стандарди коишто ги презентираат, што ни ги наметнуваат, за предолгото чекјање и намаленото трпение. Но и за лажливата опозиција потоната во скандали, која не е никаква алтернатива, туку точно директен и конкретен рецепт за пропаст на Македонија. Ова не значи да се откажеме од европската иднина, и од нашето партнерство со пријателите од Европа. Но, секако значи дека нашата најглавна задача да се сочуваме себе си, да ја развиеме економијата и обезбедиме иднина за секој човек, мора да ја завршиме.
Ние сме на вистинската страна на историјата. Другите се на погрешната. А, ако ја видите цената за која се продале од опозицијата, иако може таа ним да им изгледа како многу пари, ќе видите дека е евтина. Впрочем, какви што се и нивните лаги. Какви што се и триковите што ги користат, и плановите што ги договараат зад грбор на народот.
Но, времето на лагата завршува.
Доаѓа времето на Македонија.
Оваа борба не е борба за избори. Оваа борба е борба за Македонија. За достоинството. За надежта.
Ја поставивме основата. Го поставивме темелот. Сега ќе го изградиме домот. Домот на вистината. Домот на правдата. Домот на народот. Домот на иднината.
Драги браќа и сестри, дојде времето, а тоа е времето на Македонија.
Времето на промените. Времето за тебе.
И никој, ама никој, нема да го запре.
Македонија мора да оди по вистинскиот пат. Да правиме заедно големи чекори напред. Заедно и снажно. За Гевгелија тука и за цела Македонија.
Бог да ни ја благослови Гевгелија,
Бог да ни ја благослови нашата Македонија,
Да сте живи и здрави, потенцира Мицкоски.