Skip to main content

Мицкоски: Наш предизвик и цел како Влада во периодот кој следи, е да го подигнеме социјалниот и економски статус на Ромите

Во името на Владата и во мое лично име на сите граѓани од ромската етничка заедница им го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, стои во честитката на Премиерот.


Македонија е земја која историски и традиционално гледано секогаш била пример за толеранција, разбирање и инклузивност на своите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.

Наш предизвик и цел како Влада и како држава, во периодот кој следи, е да го подигнеме социјалниот и економски статус на Ромите, а со тоа и подобрување на целосната положба на Ромите во сите сфери на општественото живеење.

Ова е процес кој мора да започне од потполна достапност до системот на образование и едукација, преку организиран и институционален систем на заштита од дискриминација, до апсолутна вклученост на Ромите во економските и социјални текови на нашата заедница. Македонија е земја со ограничени ресурси и затоа мора својот приоритет да го постави во насока на искористување на сите кадровски и човечки потенцијали со кои располага, со стремеж постигнување на заеднички напредок.

Најдобар одговор за социјалното и економското назадување е образованието. Нашите напори се да воспоставиме реформи кои земјава ќе ја реформираат, унапредат и обезбедат иднина и развој.

Мораме да ја претвориме нашата земја во држава која дава еднакви можности на сите, која ќе го цени и вреднува успехот и квалитетот на индивидуалецот, како предуслов за градење на подобра иднина на сите.

Заедно можеме повеќе, подобро и само така Македонија ќе биде нашиот заеднички дом.

Поврзани вести