Skip to main content

Мицкоски: Инвестиција на „Алказар“, Македонија отвора ново енергетско поглавје

Уште еднаш, во мое име и во името на Владата, би сакал да му се заблагодарам најпрвин на инвеститорот што ја препозна Македонија како своја дестинација за водење бизнис, би рекол успешен бизнис, и да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на сите заемодаватели коишто го поддржаа овој проект, за од идеја полека но сигурно да стане реалност и денеска да можеме да зборуваме за нова инфраструктура, за нови енергетски производни капацитети од обновлива енергија, за турбини коишто ќе произведуваат електрична енергија којашто ќе придонесува позитивно во македонската економија, рече денеска премиерот Мицкоски при посетата на на компанијата „Алказар Енерџи“ во Општина Штип.

Би сакал неколку реченици да кажам за инвеститорот, односно за првиот човек на „Алказар Енерџи Партнерс“, г. Даниел Калдерон. 

Кога се запознавме и кога целата оваа идеја беше на хартија, односно кога сето ова започна со реализација, ние бевме штотуку избрани како нова влада. Малкумина веруваа дека денес овде ќе можеме да ја видиме целата оваа градежна механизација и сето она коешто се гради на потегот на трите општини — Радовиш, Штип и Карбинци. 

Но ние верувавме. Верувавме во идејата, верувавме во амбицијата, и таа амбиција и таа идеја денеска полека но сигурно станува реалност.

Денеска гледаме десетици градежни машини, би рекол стотици градежни машини, гледаме почеток на инсталирањето на производните капацитети, на ветерниците, гледаме институции коишто партнерски работеа и докажаа дека кога партнерски се работи, позитивниот резултат е неизбежен. 

Отпочнуваме инвестиција којашто на крајот, кога ќе биде целосно реализирана, ќе вреди околу половина милијарда долари. Но она коешто мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука ниту почнуваат, ниту завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија. 

Напротив, тие имаат и други планови, за што ќе ја имаат поддршката од Владата, а справувањето со целокупниот институционален ризик којшто е неопходен за овие проекти да станат реалност ќе биде обврска на Владата. 

Затоа ја користам оваа прилика да испратам силна порака и до инвеститорот, но и до заемодавателите, дека ние како Влада имаме врвен приоритет да поддржуваме ваков тип „гринфилд“ инвестиции, посебно инвестиции во коишто самиот инвеститор сето она коешто ќе го произведе ќе го продава на слободниот пазар и ќе придонесува позитивно во македонскиот БДП и македонската економија.

Би сакал уште неколку факти за инвестицијата. Станува збор за неколку стотици работни места, станува збор за нова патна инфраструктура во овој дел од општините низ коишто ќе поминува овој ветерен парк, станува збор за 1 терават час електрична енергија од обновливи извори, тоа е отприлика еден милион мегават-часови, нешто коешто досега е незабележано во нашата историја и нешто коешто, кога сè ова ќе биде реалност, на крајот од годината ќе претставува нето енергетски независна Македонија.

Исто така, сосема на крај, би сакал да споменам кои се идните можности и потенцијали коишто ние ги нудиме, бидејќи втората причина, како што спомена г. Калдерон, се природните ресурси со коишто располагаме, посебно ветерот. 

За таа цел ќе споменам две работи, два факти коишто се многу значајни. Првата е изјавата на претседателката на Европската комисија, г-ѓа Фон дер Лајен, дадена на бизнис-форумот во 2025 година, којашто вели дека Балканот може да биде хаб преку којшто Европа ќе се снабдува со обновлива енергија. 

Имајќи го предвид развојот на вештачката интелигенција, којшто е неповратен процес, проценките се дека во следните отприлика 14–15 години дополнителната потреба од енергија што Европа ќе ја има е отприлика 1.000 терават-часови електрична енергија.

Имајќи го тоа предвид, потенцијалот којшто може да го имаме ние како држава да го инвестираме во производни капацитети, а потоа да го произведеме како електрична енергија, е еднаков на 24 терават часови. Тоа можеби само како бројка не значи ништо, но кога сето тоа би се помножило со цената на електричната енергија, би зборувале за бизнис од отприлика 2 милијарди евра годишно, којшто треба да го зголеми македонскиот БДП и да придонесува позитивно во македонската економија.

Имајќи го сето ова предвид, имајќи ги предвид целите на Владата и стратешката ориентација да бидеме раскрсница во овој дел од Европа и регионот, не само од аспект на патната и железничката, туку имајќи ја предвид и енергетската инфраструктура, ние како Влада недвосмислено на врвот на нашите приоритети ја ставаме поддршката на ваков тип гринфилд инвестиции. 

Како досега, така и во иднина ќе продолжиме заедно со институциите партнерски да работиме со инвеститорите, за сето она коешто претставува реална идеја да го ставиме во функција.

Им благодарам на сите коишто беа вклучени во реализацијата на овој проект, да не ги споменувам поименично, затоа што може да се случи да испуштам некое име и со тоа да направам несмасна грешка. 

Затоа сакам да им се заблагодарам што беа вклучени во реализацијата на овој проект, а на инвеститорот да му посакам уште многу вака успешни проекти овде кај нас, во нашата татковина.

Благодарам и нека ни е аирлија!“

Поврзани вести