![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/screenshot_2-16.jpg)
Вложувањата во енергетиката се приоритет и од капитално значење, рече на денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, објавувајќи дека денеска и формално го означуваат почетокот на еден процес кој значи изградба на два енергетски суштински проекти во енергетскиот сектор: Втора фаза од ветерниот парк Богданци, како и изградба на фотонапонската централа Битола 2.
За таа цел, денеска беше потпишан договор помеѓу АД ЕСМ и КфВ развојната банка наменет за изградба на двата нови капацитети за производство на обновлива енергија.
Како што изјави Мицкоски, инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47.3 милиони евра се за фотонапонската електрана Битола 2, додека ветерниот парк Богданци – Фаза 2, инвестицијата е 7,7 милиони евра.
Битола 2 ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50-60 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80-90 GWh електрична енергија годишно, се разбира зависи тоа од сончевата радијација, што е доволно за отприлика 20 илјади домаќинства. Повторувам, ќе се произведува електрична енергија за околу 20.000 домаќинства, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно. Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци е предвидено изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за дополнителни 13,6 MW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на првиот дел од проектот и овој вториот дел вкупно ќе биде повеќе од 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh, зелена енергија, објави Мицкоски
Тој се заблагодари до банката и германските партнери за поддршката и нивната помош.
На овој начин се бориме за поголема енергетска независност и поголема ефикасност. Ако во минатото и од минатите влади енергетиката беше поле за криминал и корупција, за нас ова е поле каде треба да ги засукаме ракавите, жестоко да работиме, затоа што преку енергетиката се гради и нашата заедничка иднина. Инвестиции од 55 милиони евра во енергетиката за електрична енергија за повеќе од 20 илјади домаќинства и заштита на животната средина. На овој начин државата се грижи за секој еден од вас, порача Мицкоски.