
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на 48. Традиционален Илинденски коњички марш, што се одржа во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче.
Со гордост и почит им посакавме среќен пат кон Крушево, каде што и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите што ја вградија својата жртва во македонската слобода. Нека нивниот пат биде безбеден, а традицијата што ја негуваат продолжи да ги обединува сегашните и идните генерации, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Мицкоски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, оваа година е покровител на оваа традиција.
На настанот присуствуваа повеќе министри и градоначалници, а архиепископот г.г. Стефан им даде благослов на учесниците во Маршот.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски присуствуваше на настанот каде му беше доделена благодарница.
Со гордост и почит кон нашата историја, денеска во црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ја испративме нашата коњаница на Илинденски марш кон славното Крушево, под покровителство на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, напиша Андоновски на Фејсбук.
Тој наведе дека Илинден е симбол на македонската борба за слобода, државност и достоинство, а коњаниците, продолжувајќи ја долгогодишната традиција на војводите и комитите, ја носат пораката за храброста и пожртвуваноста на илинденците и заветот што тие ни го оставија.
Попладнево од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче, околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки, тргнаа кон Крушево, продолжувајќи ја речиси петдецениската традиција посветена на чествувањето на Илинден и на македонските херои. Првата дестинација вечерва им е Долно Лисиче по што утре ќе го продолжат патот кон Петровец и Велес. Претходно продефилираа низ Општина Аеродром.
На 31 јули, коњаниците од Горно Лисиче ќе се обединат со учесниците од Свети Николе, Кичево и Битола, испраќајќи силна порака за единство, почитување на традицијата и зачувување на македонското историско наследство.

Македонски



