
Претседател на Владата, Христијан Мицкоски и Марта Кос, ЕУ комесар за проширување одржаа прес-конференција по отворањето на лидерскиот самит на ЕУ и Западен Балкан посветен на Планот за раст. Овој самит е можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.
-Денеска сме тука во Скопје не само како домаќини туку и како партнери, сојузници на една заедничка визија. Визија за регион што не се дефинира преку своите проблеми туку преку своите можности. Визијата за Западен Балкан кој се приближува кон ЕУ не со зборови туку со дела со реформи, со разултати, со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека не е случајност што сме домаќини на овој самит.
-Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и содавањето на решенија, рече Мицкоски.
На денешните разговори во фокус е реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.