
Денеска присуствував на промоција на 100 нови возила за потребите на АД „Пошта”, напиша премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил.
Владата преку Министерството за транспорт реализираше набавка на 100 нови возила за потребите на Македонска пошта. Ова не е случајна одлука. Ова е одговор на реална потреба. Просечната старост на возилата со кои досега работеше Македонска пошта е околу 15 години.
Со новите возила, Пошта ќе може побрзо, поефикасно и посигурно да ги доставува услугите до секој граѓанин, до секое населено место, до секоја компанија. Ќе се намалат трошоците за одржување, ќе се зголеми продуктивноста, а услугата ќе стане поквалитетна.
Предвидуваме подобрување на ефикасноста во испораката на услугите и намалување на трошоците за најмалку 15 проценти. Истовремено, работиме на подобрување на индикаторите за профитабилност, исто така за околу 15 проценти. Тоа значи подобро управување, подобра организација и подобри резултати.
Македонска пошта мора повторно да стане сервис на кој граѓаните ќе му веруваат. Институција која ќе биде партнер на бизнисите. Систем кој ќе може да одговори на современите предизвици, особено во времето на дигиталната трансформација и раст на електронската трговија.
Ние не ветуваме лесен пат. Но ветуваме работа, посветеност и резултати. Затоа што доаѓа времето кога институциите ќе работат за граѓаните.
Доаѓа времето кога државата ќе испорачува!

Македонски


