
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата има мандат од граѓаните да ја води државата четири години и дека предвремени парламентарни избори не се дел од нејзините планови. Сепак, доколку опозицијата побара избори пред истекот на мандатот, тој вели дека е подготвен за лидерска средба на која би се договорил терминот за нивно одржување.
Во вечерашното интервју во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител, Мицкоски рече дека актуелната Влада добила четиригодишен мандат од граѓаните, кој завршува во пролетта 2028 година. Поради сè уште важечкиот модел на техничка влада пред избори, како што посочи, практично политичкиот мандат на Владата би завршил кон крајот на 2027 година.
– Мојот став и ставот на оваа Влада е познат во јавноста, а тоа е дека ние добивме мандат од граѓаните за четири години и мандатот завршува во пролетта 2028 година. Сè уште имаме техничка влада, што значи дека крајот на мандатот на оваа политичка влада би требало да биде некаде околу крајот на 2027 година – рече Мицкоски.
Тој, сепак, остави отворена можност за предвремени избори доколку такво барање дојде од опозицијата.
Според Мицкоски, логично е опозицијата да сака да дојде на власт доколку смета дека може подобро да ја води државата. Во таков случај, вели тој, владејачката коалиција е подготвена да седне на лидерска средба и да разговара за датум за предвремени парламентарни избори.
– Ако опозицијата побара предвремени парламентарни избори, тогаш ние секогаш како Влада сме договорени да седнеме на една лидерска средба, да договориме термин и да одиме на предвремени парламентарни избори. Нема да бегаме, се разбира – порача премиерот.
Мицкоски нагласи дека приоритет на Владата останува реализацијата на реформите за кои, како што рече, ја добиле довербата од граѓаните. Но, доколку опозицијата „ја фрли ракавицата“, власта е подготвена да оди на избори.
– Нема да бегаме кукавички од избори. Напротив, ние сме подготвени во секое време да излеземе и да ги победиме – рече Мицкоски.

Македонски


