
Доаѓајќи наваму, се присетив на сите наши битки, на сите наши предизвици, успони и падови кои заедно ги изодевме, напиша на својот фејсбук профил Премиерот Христијан Мицкоски.
Поздравувајќи се со вас, мојот народ, морам да кажам: иако можеби не ги познавам сите имиња, ги познавам вашите ликови, ги препознавам вашите надежи и срдечни дланки. Тие не се разликуваат од надежите и лицата на сите наши луѓе низ убавата Македонија. Тоа се лица полни со искуство, но и со доза разочараност од сè она што со години ѝ се случуваше на нашата татковина. А се помина многу и се виде многу. Но тоа се и срца полни со љубов кон својата земја, со надеж во своите очи – надеж која мене ме обврзува повеќе од сите вас да се борам за сите вас. И денес стојам скромно и искрено, како на почетокот од оваа моја улога, и ви велам: НЕМА ДА ВЕ РАЗОЧАРАМ!
Македонија не се само спомениците, зградите, салите. Македонија се и маалата, улиците, парковите. На овие избори одлучуваме за микро-светот во кој израснавме, во кој се гради и карактерот на секој еден од нас. Секој од нас носи една тивка мапа во срцето – мапа од улици, агли и дворови што нè изградија и ни ја дадоа силата да бидеме тоа што сме. Таму каде што првпат паднавме и се исправивме. Таму каде што ја сретнавме првата љубов. Таму каде што ја научивме првата лекција – дека животот е борба, но и надеж.
Јас сум свесен за тежината на очекувањата. Свесен сум за наследените проблеми и разочарувања. И знам дека сè уште се живее тешко. Но верувам дека вистинските промени не доаѓаат како молња, туку како изгрејсонце – тивко, но неизбежно. Прво зрак, па светлина, па ден. И тој ден ќе биде наш.
И затоа, на овие избори се одлучува за да имате ваш – твој човек во општината. Тоа е оној што не те остава сам. Овој пат, тоа е твојот градоначалник – човек кој се докажа со работа, со посветеност и со резултати. Човек на кој можеш да се потпреш, затоа што знае дека да бидеш човек значи да бидеш од корист за другите.
Да се кренеме повисоко од сите пречки!
Да застанеме пообединето од сите поделби!
Да го избереме патот на иднината што ќе ја памети историјата!
Ова е времето на Македонија.
За твојот човек!
За твоето место!
За твојата иднина!