Skip to main content

Мицкоски: 150 електрични автобуси за Скопје и општините со пари од договорот со Унгарија

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на владина седница е донесена одлука за обезбедување средства за набавка на 150 електрични автобуси, во рамки на договорот „влада со влада“ што Македонија го има со Унгарија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски појасни дека дел од средствата ќе бидат обезбедени преку кредит со исти услови како и претходниот договор – три години грејс-период и дополнителни 12 години отплата, со иста каматна стапка.

Тој посочи дека Град Скопје, според претходна анкета, побарал 250 автобуси, но ќе добие 100 електрични автобуси со 50 полначи. Останатите општини кои имаат организиран јавен градски превоз побарале вкупно 89 автобуси, а ќе им бидат доделени 50 автобуси со 25 полначи.

Мицкоски истакна дека набавката на 150 електрични автобуси за Скопје и за општините со организиран јавен превоз е дел од поширок пакет проекти насочени кон намалување на аерозагадувањето.

Говорејќи на седница за пратенички прашања во Собрание на Република Македонија, премиерот нагласи дека, заедно со проектите како Градскиот воз, БРТ-системот и когенерацијата, електричните автобуси ќе придонесат за значително подобрување на квалитетот на воздухот.

„Нашата цел е да обезбедиме еколошки транспорт онаму каде што постои организиран јавен превоз. Токму затоа ја започнавме постапката за набавка на 150 електрични автобуси, кои користат енергетско напојување без штетно влијание врз животната средина“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека постапката за набавка веќе е започната, при што најголемиот дел од средствата ќе се обезбедат преку стратешкото партнерство со Унгарија, а помал дел од државниот буџет, под услови еднакво поволни како и во претходниот договор за кредитно задолжување.

Поврзани вести