
Владата денеска на седница го задолжила Министерството за финансии да обезбеди 30 милиони денари и да ги пренесе на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за помош за транспорт и сместување на најблиските на тешко повредените во пожарот во Кочани кои се на лекување во странство.
Одлуката што беше најавена е официјализирана на седница на Владата и на прес-конференција попладнево ја соопшти владината портпаролка Марија Митева.
-Во овој момент можам да ја информирам јавноста дека за 58 лица се обезбедени транспорт и сместување. Оваа одлуката ќе се однесува и на оние лица кои заминале и пред донесување на ваквата одлука, ќе може ретроактивно да им се изврши дополнителна исплата, рече Митева.
Покрај за оваа одлука, таа соопшти и за контроли што Државниот пазарен инспекторат ги извршил за лиценци на угостителски објекти регистрирани како кабареа, ноќни клубови и диско клубови.