
Во голема полициска акција вчера беа уапсени десет лица, поранешни и сегашни вработени во затворите и затворската полиција. Се сомничат дека помогнале во бегствата на убијци и дилери од зад решетките. Од вчера, таму се наоѓаат и тие. Меѓу нив е и некогашниот директор на затворот во Шутка, со право личност на неделата:
Филип Андов – Сокол

Лика прилика на поимот баце. Сокол кариерата ја почнал како менаџер по локални скопски барови. Имаше и неуспешен обид и самиот да е угостител, не само менаџер. Со доаѓањето на ерата на сељачкото крило на СДСМ, она муртинското, каде тој е манга во оштинското крило на партијта во Кисела Вода, почна и ерата на „сериозниот“ Сокол.
Првата функција која ја доби како дел од стадото „шуто и рогато“ на Зоран Заев беше како советник на премиерот за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје.
Тогаш на прашањето на ИРЛ кои се неговите компетенции за да биде назначен на позиција советник за Град Скопје и дали можеби партијата помогнала, или пак, тоа се должи на неговиот професионален авторитет, тој одговори:
Мојот ангажман е надворешен, јас не сум вработен во кабинетот ниту во Владата, а моја работна професија е стопанственик во бизнис секторот. Ангажманот за кабинетот на премиерот никако не е поврзан со мојата партиска припадност, а истата никако не влијае врз моите професионални активности кои ги извршувам за Владата.
Тука падна и првото негово силење, кога за време на локалните избори во 2018та тргна по Стевчо Јакимовски:
„Стопанственикот“ некоја година по успешното советување станува и директор. Декември 2020 година, него му е доделен за раководење Истражниот затвор Скопје во населбата Шуто Оризари.
E, токму тука се видоа неговите компетенции.
Пред да зборуваме за тоа како ја заработи вчерашната кривична пријава, да потсетиме и на неколкуте скандали со кои си го одбележа владеењето.
Во екот на короната, кога повеќето од граѓаните ги слушаа наредбите за полициски час и забрана за групирање, по завршувањето на работното време на угостителските објекти во Кисела Вода дошло до инцидент каде вербално, со пцости и вулгарности се нападнати полицајци кои предупредиле за забраната за групирање. Како што открија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу групата која се конфронтирала со полицијата бил и самиот Сокол, кој секако, не добил кривична пријава. Тоа е така во тогашно МВР, не се ни очекуваше друго.
Октомври 2021, Сокол повторно се појави по медиумите за насилство. За време на избирачкиот ден во Кисела Вода, откако снемало струја ОУ „Невена Ѓеорѓиева-Дуња“ дел од жителите се упатиле да погледнат што се случува.
Според Сокол, кои се па тоа тие да гледаат:
Власта со насилство на дента на изборите: Директорот на затворот во Шутка напаѓа граѓанин на Кисела Вода pic.twitter.com/AWrBsExLkM
— Донко Рлеоне (@make_donko) October 17, 2021
Дека кај и да има тепање, тука е и Сокол, се потврди и во 2023та, кога заедно со Ѓорѓи Галетановски- Чомбе и можеа да се забележат за време на гужвата на трибините во Краков, каде македонски навивачи се степаа меѓу себе.
Да се вратиме на сериозните криминалии. Оние со кои овозможи убијци да се шетаат ко да не биле затворени.
Како „хотел промаја“ го оценуваат затворот за време на неговото владеење и министерот за внатрешни Панче Тошковски и директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.
Во јули летово, Пандов наредил вонредна контрола во обичен петок навечер по 23 часот. Не е битно што нашле, туку што не нашле.
И покрај нашата вонредна контрола, четири лица од овие 11 кои не ги најдовме таму во затворот „Скопје“, а се вратија, утрово во 5 часот, не се наоѓаат таму и се во бегство. Во отворениот дел имаат „возен парк“ и во него, по списокот требаше да бидат само три лица, а се распоредени 10, од коишто четворица отсуствуваа. Во делот „перална“, по список треба да има 4 осудени лица, а формално правно треба да бидат 9 – седум беа отсутни, едно лице пронајдовме, а едно било на домашно отсуство. На прашањата зошто е така, ни кажаа дека затворската полиција нема увид и дека добиваат усни наредби, откри Пандов тогаш.
Пандов истакна дека било зачудувачки тоа што го видел. 10 од тие лица, по еден, два три часа се враќале. Слободно се движеле околу нив, разговарале со полицајците, иако по 22 часот треба да бидат затворени. Затворските полицајци му кажале дека немаат никаква заштита.
Затворениците се јавуваат кај Сокол, вадат телефони пред нас и велат дека им се закануваат, посочуваат „директоре ние ви дадовме пари“. Затворениците се за греота, со солзи во очите ни раскажуваат дека постојано се под закани и дека не се чувствуваат безбедни. Таму состојбата е обратна, затворениците имаат поголема контрола и влијание отколку полицајците. Да напомнам дека кога ќе имаме записник ќе го доставиме до Обвинителството. Јас го замолив премиерот Мицкоски, не само Сокол, туку и во најголем дел од затворите, слична е состојбата и тие се „хотел промаја“. И она што ние мислиме дека е затвор, фактичката состојба не е таква, рече Пандов пред новинарите.
Директорот вели дека седум години не била направена контрола во овој затвор.

Тошковски, пак, вчера пластично објасни ккао менаџерот на затворот и други лица ја доживувале институцијата како трговец поединец или приватно правно лице кое се заминава со туристички услуги заради тоа што незаконито им овозможувале на лица осудени, за кои постои висок безбедносен ризик, да користат привилегии кои по закон не им следуваат.
Буквално како трговско-угостителско друштво, затворските полицајци коишто се платени од граѓаните, ги пренесуваат од затвор до одредена локација, ги чуваат осум до десет часа на таа локација, па пак со службено гориво и возила, на трошок на македонските граѓани, ги враќаат во затворот. Тоа едниот дел од незаконитите дејствија кои се вршени. Со истрагата во моментот се опфатени 10 лица, со што тоа е само еден дел од незаконитостите коишто се опфатени. Денес извршени се претреси во домовите на две лица, при што тие се лишени од слобода и ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, истакна министерот Тошковски.
Во кривичната пријава која вчера му беше поднесена, меѓу другото пишува:
Пријавениот Ф.А., во својство на директор на КПУ Затвор Скопје, во период од март 2024 до 24.07.2024 со намера на противзаконит начин, привремено да ослободи осудени лица кои издржувале затворски казни во КПУ Затвор Скопје, злоупотребувајќи ја својата службена положба дозволил и наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале согласно судските одлуки, односно истиот одобрил молби поднесени од осудените лица повремено да го напуштат затворот, по што пријавениот П.А. од позиција на командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, по добиената наредба од директорот Ф.А., изготвил наредба за спровод на осудените лица до нивните домови и други локации за приватни потреби, по што така изготвени биле одобрени од страна на директорот Ф.А., а во неколку наврати биле одобрувани од страна на С.К., вработен како затворски полицаец во КПУ Затвор Скопје, личен возач на Ф.А.. Потоа пријавениот П.А. одобрените наредби ги предавал на пријавените затворски полицајци Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О., З.М. и К.В. со цел извршување на незаконскиот спровод на осудените лица, иако истите знаеле дека таков спровод на осудено лице до домашна адреса врз основа на молба е спротивно на закон и процедурите и подзаконските акти на законот, сепак го извршиле спроводот, каде што ги ослободувале осудените лица да извршуваат приватни работи, а потоа откако ќе поминел одреден временски период (најчесто 8 до 10 часови) пријавените затворски полицајци ги враќале осудените лица назад во затворот. Кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ пријавените затворски полицајци го сториле така што за ваквите незаконски спроводи, биле користени службени возила на установата, за што било потрошено службено гориво, а притоа на дел од пријавените затворски полицајци директорот Ф.А. им одобрувал прекувремени работни часови (вкупно 44 часа исплатена прекувремена работа), со што согласно наведените незаконски дејствија била предизвикана штета на буџетот на Р.Македонија, а воедно и мала имотна корист за Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О. и З.М..
Завршуваме со една убава мисла од оперскиот пејач Игор Дурловски, кој за апсењето на Сокол само кратко ќе каже:
Животот понекогаш е многу поефективен во распределба на правдата отколку било која институција.