
Денеска се одржа презентација на новата листа на опасни занимања/работни места подобни за предвремено пензионирање во согласност со нивото на ризик и предложениот степен на пензија, како дел од проектот Ревизија на листата на опасни занимања кои се квалификувани за предвремено пензионирање со бенефициран работен стаж (БРС).
Во последните години, со поддршка на Светската банка како доверлив партнер, Министерството за социјална политика, демографија и млади реализираше низа активности фокусирани на подобрување на управувањето со системот на социјално осигурување.
Овие активности имаат за цел оптимизација и рационализација на системот, поедноставување и скратување на процедурите за остварување на социјалните права, намалување на оперативните трошоци на системот, зголемување на вклученоста на ранливите категории, модернизација и дигитализација на бизнис процесите, како и создавање на правичен систем за сите граѓани.
Една од активностите на проектот реализиран од министерството, чии резултати беа презентирани денес од експертите во ова поле, е ревизија на листата на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење, или позната меѓу нас како бенефициран стаж.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани обраќајќи се пред присутните се осврна на причините кои упатуваат на нужноста за ревидирање на оваа листа на опасни занимања. Во таа прилика истакна:
Брзиот развој на индустријата и континуираниот напредок на технологијата, заедно со подобрувањето и модернизацијата на условите за работа, наметнуваат потреба од ревидирање на листата на работни места кои се вршат во тешки услови или во услови кои ја намалуваат работната способност на работникот.“
Лимани укажа на фактот дека оваа листа на глобално ниво се прегледува редовно, обично на секои пет години. Додека пак во Република Македонија, се уште се користи иста листа на работни места од осамостојувањето на државата, наследена од поранешна Југославија.
Ситуацијата во законодавството не ја прикажува реалната слика која ја имаме на терен, бидејќи од времето на утврдувањето на работните места со бенефициран стаж, настанати се значајни промени. Условите за работа се значително подобрени а мерките за безбедност и здравје при работа се многу унапредени. Дополнително, некои индустриски гранки веќе не постојат, што ја прави таа листа неточна за актуелната ситуација,“ рече Лимани.
Денешната презентација на ревидирани работни места со бенефициран стаж се заснова на неколку месечната теренска работа на експертите. Во таа насока, министерот обраќајќи се на присутните претставници на работодавачите и работниците, ги покани активно да учествуваат во дискусиите со експертите. Притоа, истакна дека сите нивни забелешки и сугестии ќе бидат земени во предвид пред листата да стане конечна.
На крај, врз основа на цврстото убедување дека човечкиот капитал е највредниот ресурс во секој аспект на општеството и во процесот на работа, Ви се обраќам, како важни актери во овој процес, да продолжите постојано да вложувате во здравјето и безбедноста на работниците, во нивната благосостојба и професионален развој,“ порача Лимани.