
ЛДП во понеделник ќе поднесе предлог закон до Собранието за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите доставени за независни листи од невладиниот сектор во креирањето на новиот Изборен законик.
„Како прва политичка партија што јавно ја застапува идејата за една изборна единица и отворени листи, ЛДП ја нагласува потребата од праведен и транспарентен изборен систем кој ќе овозможи еднаквост на гласот и директно влијание на граѓаните врз тоа кој ќе ги претставува. Веруваме дека со воведувањето на една изборна единица и отворени листи ќе се зголеми отчетноста, ќе им се даде поголема моќ на граѓаните и ќе придонесе за развој на демократијата во земјата. ЛДП ги повикува сите политички чинители, партии и граѓанското општество на заедничка работа и отворен дијалог, со единствена цел – конечно усвојување на праведен и инклузивен изборен модел“, се вели во партиското соопштение на ЛДП.