
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денес одржа прес-конференција посветена на образованието во Куманово, нагласувајќи дека тоа е најголемата инвестиција во иднината на градот и неговите жители.
-Квалитетното образование мора да биде право, а не привилегија. Нашата цел е секој ученик и студент да има современи услови за учење и развој, а општината ќе продолжи да вложува во подобрување на наставниот процес, спортските капацитети и инклузивноста, беше истакнато на прес-конференцијата.
Во програмата за следниот период се предвидуваат:
- реконструкција и доопремување на централните и подрачните училишта, со акцент на енергетска ефикасност и пристапност за лицата со попреченост,
- нови и реконструирани училишни спортски сали,
- современи ИТ кабинети и технолошки зони,
- уредени училишни дворови со осветлување и нова урбана опрема,
- целосна реконструкција на повеќе основни училишта и спортски сали низ Куманово и околните населби,
- промоција на инклузивна средина во сите училишта.
„Нашата визија е преку образованието да создадеме генерации подготвени за предизвиците на новото време, но истовремено свесни за своите корени, култура и вредности. Секој млад ум е искра надеж за подобро утре, а токму образованието е силата што ќе го движи Куманово напред“, порачаа од Движењето ЗНАМ.