Skip to main content
Личност на неделата

Крешник „ако сакаме ќе излеземе 10.000 кај што сакаме“ Бектеши

Симболите кои се важни за една етничка заедница треба да се почитуваат од другата етничка заедница. Колку убава политичка мисла, која доаѓа од некогашниот министер за економија, златен брат и сопруг и вечен вљубеник во Али Ахмети, наша личност на неделата:

Крешник Бектеши

Е, сега, тука доаѓа главниот plot twist. Бектеши оваа изјава не ја кажува за инцидентите предизвикани од славењето на Денот на албанското знаме, кога се блокираа сообраќајници, се дивееше и скокаше врз возила на други граѓани, им се отвораа вратите среде крстосници, како и кривичните дела за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Значи, тој не реагира вака за палењето и газењето врз македонското знаме, симбол не само на една етичка група, туку на сите граѓани на Македонија.

Не, не чувме никаква реакција тогаш од Бектеши. Чувме од неговата ДУИ, според кои палењето на државното знаме била „реакција на несоодветната интервенција на полицијата“.

…неоправданата и безпреседан полициска интервенција за време на прославите на Денот на албанското знаме. Таа интервенција не само што ги попречи мирните и традиционални манифестации на Албанците, туку предизвика непотребни тензии и инциденти кои ја нарушиле меѓуетничката хармонија во земјата…, порачаа тогаш од ДУИ.

Не, велеспевот за симболите на Бектеши е за прославата во основно училиште во Челопек, каде деца со пушки во рацете и униформи на УЧК парадираат пред карта на „Голема Албанија“.

Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив. Не очекував дека токму педагози, луѓе кои ја одбрале најблагородната професија, ќе ги учат децата во Македонија да не ја почитуваат сопствената земја, да не ги почитуваат своите сограѓани и ќе индоктринираат милитанство, насилство, омраза. Спротивно на сите основни начела на педагогијата. Наместо да се бориме за единство, за градење мирна и хармонична училишна средина, која патем треба да биде и основа за градење на мирно и хармонично општество и силна заедничка држава, во 21от век гледаме дека нечии размислувања и идеали се заглавени во некој минат век, реагираше прва министерката за образование Весна Јаневска.

Ама, според Бектеши, оружјето и мапата на „Голема Албанија“ „можеби се погрешен чин“, но не и униформите и амблемите на УЧК.

УЧК е дел од нашата држава. Формирана од граѓани на Република Македонија кои се бранеле и барале права во оваа држава. Симболите кои се важни за една етничка заедница треба да се почитуваат од другата етничка заедница, рече Бектеши според кого меѓуетничките поделби спласнале со Рамковниот договор и праша „дали денес треба да се вратиме 25 години назад“.

Бектеши вели и дека ДУИ не поттикнува дестабилизација, туку „секогаш повикуваме на смиреност и незагрозување на меѓуетничките односи“.

Може треба да го потсетиме дека веднаш по одењето во опозиција почнаа нивните закани за протести и „ќе видите вие кој не го земате во Влада“. За сето тоа подоцна да се претвори во „средби со граѓани“.

10.000 луѓе може ДУИ утре да свика кај сака, во кој град сака, вели Бектеши.

Ама не сакале, многу биле одговорни.

Ние би му препорачале малку да одмори. Нека прошета малку по маркети, нека купи макарони, ко во времето кога министеруваше. Нека седне на кафе со сестра му, онаа која ја вработи во МЕПСО и рече ќе плати казна ама нема да ја тргне од непотистички добиеното место. Нека се погушка со сопругата, за која исто така среди да цица од државно. Нека го посети „младиот бизнисмен“ Дрин, кому му местеше концесии и тендерчиња. Нека тркне и до Грција, за каде договараше 50 милиони со Митилинеос. Нека оди до родно Кичево, да види на што дереџе му го оставија другарите од партија. Успат нека се закани и до некој друг началник, малку му е само една кривична на конто.

Имаме многу други предлози за Крешник, али најбитно е – да ни се мавне од пред очи. Доста ни беше од таквите ко него.


Подготви: М.М.

Поврзани вести