Skip to main content

Кедев: Успехот го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.

Сиљановска-Давкова, на доделувањето на орденот вечерва во Македонската филхармонија, порача дека академик Сашко Кедев е човек, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрирааат во колективната меморија на државата и општеството.

Освојувањето на 14-те највисоки врвови во светот го сметам за национален успех. Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот, порача кардиологот и алпинист Сашко Кедев, по одликувањето на Орденот „8 Септември“ за особените заслуги во медицината и за историскиот подвиг во алпинизмот.

Кедев, изрази длабока благодарност за одликувањето, кое рече дека иако опфаќа повеќе елемент од неговиот живот, го споделува со сите колеги со кои заедно ја формираат Интервентната кардиологија пред повеќе од 30 години.

На доделувањето на Орденот, вечерва во Македонската филхармонија, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, градоначалници, академици и голем број личности од општествениот живот.

Академик Кедев во 2003 година има воведено трансрадијален пристап во дијагностички и интервентни васкуларни процедури.

Во 2002 првпат има воведено каротидно стентирање по трансфеморален пат, а од 2006 година има воведено рутински трансрадијален пристап при каротидно стентирање, досега најголема светска серија од над 1600 изведени процедури.

Искуствата се публицирани и презентирани на голем број светски собири со повеќе демонстрации во живо како поканет оператор: САД, Франција, Белгија, Австрија, Индија, Кина, Русија, Иран, Саудиска Арабија, Латвија, Литанија, Романија, Србија и Бугарија.

Има воведено транскатетерска имплантација на аортална валвула (ТАВИ процедура) кај пациенти со тешка аортна стеноза во Македонија во 2014.

На платформата Web of Science има објавено 230 публикации со импакт-фактор, Hиндекс 36 и вкупно 13.650 цитати.

Автор на поглавја во 9 (девет) меѓународни по интервентна кардиологија каде се презентирани иновативни техники и методи, како на пример: трансрадијален и трансулнарен пристап кај акутен коронарен синдром и при каротидно стентирање.

Како поканет рецензент учествува во изработката на официјалните препораки од Европското здружение по кардиологија.

Во 2024 година е добитник на Плакета за посебен придонес кон развојот на научноистражувачката дејност, интернационализацијата и афирмацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Учествува и раководи со повеќе меѓународни и домашни проекти и клинички студии.

Во 2015 година е избран за дописен член на МАНУ а во 2022 за редовен член на МАНУ.

Наставна и едукативна дејност:

Повеќе од 25 години учествува во изведувањето на додипломската и постдипломската настава по интерна медицина – кардиологија, како и во наставата на докторските студии по медицински науки. Успешно ја предводи континуираната едукација на интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, во другите центри во Македонија, како и во повеќе меѓународни центри (Канада, Словенија, Хрватска, Австрија, Романија, Индонезија, Костарика, Јужна Африка).

Планинарење:

Во периодот од 2008 до 2010 година ги има искачено сите седум највисоки врвови на секој континент.

Од 2009 до 2025 година ги има искачено и сите 14 највисоки врвови во светот над 8.000 метри. Со овие два подвига стана првиот и единствен Македонец – а воедно и единствен во поширокиот регион – кој го постигнал овој врвен алпинистички успех, со што ја впиша Македонија во историјата на светската алпинистичка елита.

Поврзани вести