Skip to main content

Ќе продолжиме со политика на одбрана на македонскиот идентитет, јазик и интереси

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа што ќе им возврати на обвинувањата кои доаѓаат од опозицијата, кои сѐ погласно тврдат дека сте се откажал од идентитетот и јазикот изјави:

„Па можеби тоа е само во нивната микроорбита на измеќари на туѓи интереси и предавници од највисок ков, и тоа се покажа и докажа во минатото. Владата на СДСМ и ДУИ, единственото нешто коешто го правеше, покрај тоа што го знае најдобро, а тоа е да краде. Тоа беа предавствата национални и потпишувањето на сите оние документи што им беа ставани на маса. Станува збор за национално исплакнати луѓе, коишто освен кариера и да го крадат народот, а потоа  да уживаат во тоа што го украле од народот, ништо друго не им преостанува.“

Оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата рече Мицкоски, прави жесток обид да се врати барем малку од она коешто го распродадоа СДСМ и ДУИ кога беа на власт.

„Тоа што го прави оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е токму жесток обид да се поврати барем малку од она коешто тие го распродадоа. И го вадиме на виделина сето она за коешто досега, ако некој имал било каква дилема, верувам дека од сега ќе нема. Ние продолжуваме жестоко да се бориме за нашиот идентитет, затоа што сме, а не тоа што сакаат да бидеме, некои модерни Македонци, коишто говорат модерен македонски јазик. Така што нема посвето нешто од тоа, да се бориш за својот народ, за своите граѓани, за својата татковина, и да го повратиш тоа што оние претходни квислинзи, за жал, го продадоа за да можат да уживаат во дебелите црвени килими и кожните фотелји и да се богатат на грбот на граѓаните. Но, тие нека продолжат со таа политика, а ние ќе продолжиме со политиката на одбрана на македонскиот идентитет и интересите на граѓаните, и Македонија како држава“, истакна премиерот.

Поврзани вести